Дали нуклеарните реактори се враќаат во мода?

Од:

Ај-Кју-Ес Директори – Сан Хозе

Уште од пуштањето во употреба на првиот нуклеарен реактор во 1942 година на Универзитетот во Чикаго, судбината на атомската енергија и нуклеарните реактори е исто толку триумфална колку што е и трагична.

Заради сите овие падови и подеми, денес, 75 години по откритието дека атомската енергија може да се собира и користи, нејзината иднина е несигурна.

Но, како стигнавме до тука? И која е иднината на овој извор на енергија за кој едно време се мислеше дека ќе ги реши сите наши проблеми?

Дали нуклеарните реактори ќе продолжат да функционираат и во иднина? Или пак, се толку опасни што ризикот е поголем од придобивките?

Верижна реакција со намален раст

Нуклеарниот реактор бил создаден во тајност, главно за воени цели, односно за производство на оружје и мотори за подморници. Со слична намена, овие реактори продолжуваат да се произведуваат и денес, не само во САД, туку и во останатите индустријализирани држави.

Во средината на 50-тите години на минатито век, атомската енергија почнала да се користи за домашна употреба, па така, забрзано почнале да се градат нуклеарни централи. Но, овој тренд не потрајал долго, главно заради слабата информираност на јавноста и недовербата на граѓаните во целите за кои се користела атомската енергија.

Студената војна и стравот од нуклеарно бомбардирање, не придонеле за подобрување на ситуацијата. Несреќата во нуклеарната централа на островот Три Милји, во 1979 година, засекогаш ја запечати судбината на атомската енергија во САД.

Во следните 30 години не била одобрена изградба на ниту еден нов нуклеарен реактор. Оваа неофицијална забрана завршила во 2012 година, кога биле одобрени четири нови реактори, од кои изградбата на два е веќе прекината.

Денес, околу 20 проценти од струјата во САД е произведена од 99те активни нуклеарни реактори. Повеќето од овие реактори се во функција повеќе од 37 години, додека околу десет се активни помалку од 30 години.

Состојбата во остатокот од светот е слична со таа во САД, со еден исклучок.

Според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), во светот постојат 451 активни нуклеарни реактори. Ова можеби звучи како импресивна бројка, посебно ако сметаме дека земјите како Франција и Украина користат енергија главно произведена во нуклеарни централи.

Но, Франција и многу други индустријализирани држави го следат примерот на САД и ја намалуваат употребата на атомска енергија, па така оваа бројка е само капка во морето составено од централи за алтернативна енергија.

Во светот постојат 63.000 централи кои произведуваат енергија на друг начин, на пример преку јаглен, природен гас и други алтернативни горива.

Ситуацијата е поразлична во Азија.

Според Светската асоцијација за атомска енергија (ВНА), организација која го поддржува и промовира користењето на атомската енергија, во светот се планира изградба на 485 нови реактори, од кои 179 ќе бидат изградени во Кина. Во Кина моментно има 58 реактори кои веќе се или наскоро ќе бидат пуштени во употреба. Овие бројки покажуваат дека речиси 40 проценти од идните нуклеарни централи ќе се наоѓаат во Кина.

Во Јапонија, и покрај несреќата што се случи во Фукушима пред речиси 10 години, се планира повторно активирање на пет и изградба на 12 нови реактори.

Страв од неуспех

Кога станува збор за нуклеарните реактори, важно е да се открие зошто атомската енергија се уште претставува загатка, иако има многу причини зошто треба да биде еден од најпопуларните извори на обновлива енергија.

Атомската енергија е чист извор на енергија, кој не создава отпад и штетни гасови и чии централи зафаќаат многу помалку површина во споредба со централите на останатите обновливи извори на енергија.

Секако, сите алтернативни извори на енергија имаат некој недостаток. На пример, хидроцентралите кои можат да произведат големи количества енергија, се штетни за околината бидејќи со изградба на браните, се поплавува голема површина земја.

Дури и обновливите извори на енергија, како што се ветерот и сончевата енергија, си имаат свои недостатоци.

Добро познато е дека собирањето и складирањето на сончевате енергија е многу скапо. И, иако можеби е исплатливо на мали нивоа, со собирање преку сончеви панели, за поставување на поголеми колектори е потребен и поголем простор.

Од друга страна, силата на ветерот се искористува за придвижување на огромни ветерни турбини кои потоа произведуваат енергија. Изградбата на овие турбини го нарушува локалниот екосистем.

Но, производството на атомска енергија сепак предизвикува многу повеќе страв и недоверба од било кој друг извор.

Најверојатно, ова е така бидејќи атомската енергија била развиена како воена неопходност. Сликите од бомбардирањето на Хирошима и Нагасаки со атомски бомби, првиот и единствен пат кога вакво оружје било искористено за време на една војна, е засекогаш врежано во историјата.

Сериите и филмовите играат голема улога во зголемување на недовербата во предностите на атомската енергија со тоа што создаваат апокалиптични слики дека земјата би се претворила во радиоактивни пустелија во случај на некоја несреќа.

Но, и покрај генерално позитивната репутација на нуклеарните реактори при нивната зголемена употреба во 60-тите и 70-тите години на минатиот век, неколкуте несреќи што се случија потоа, се прочуја далеку, па затоа е тешко да се најдат луѓе кои ќе се залагаат за почнување на нови проекти.

Кога се случи несреќата во нуклеарната централа на островот Три Милји во Пенсилванија во 1979, нуклеарната индустрија веќе беше во опаѓање.

Седум години подоцна, катастрофата во Чернобил му покажа на светот што може да се случи ако се стопи јадрото на еден реактор.

Во 2011 година, земјотресот во регионот Тохоку предизвика цунами поради кое системите за ладење во нуклеарната централа во Фукушима престанаа да работат. Тоа резултираше три од четирите реактори во оваа нуклеарна централа да се стопат и да предизвикаат огромна катастрофа.

Покрај овие катастрофи, во меѓувреме порасна и непријателството помеѓу одредени земји во светот. Се почести се насловите во весниците (без разлика дали се вистинити или не), дека овие држави се обидуваат да се вооружат со нуклеарно оружје.

Тајните мотиви на нуклеарните програми на земјите како Иран (каде атомската енергија наводно се користи за домашна употреба) и Северна Кореја (каде оваа енергија дефинитивно се користи за воени цели) предизвикаа страв кај светското население.

Повторното раѓање на реакторот

И покрај катастрофите и стравот од користење на атомска енергија, иднината на нуклеарните реактори не е толку црна.

Освен забрзаната изградба на реактори во Азија, со развивањето на нови технологии атомската енергија повторно станува актуелна тема.

Во средината на 2018 година, два нови реактори беа пуштени во употреба во Кина. Овие реактори се првите реактори чие јадро е отпорно на топење, а кои се поврзани и со електричната мрежа.

Секој од реакторите има капацитет од 1.250 мегавати, а нивната изградба започна во 2009 година. Реакторите требаше да бидат пуштени во употреба во 2017, но почетокот на изградбата беше одложен. Како и да е, нивното постоење е особено важно за иднината на атомската енергија бидејќи овие реактори имаат јадро отпорно на топење.

Топењето кај овие реактори се спречува на два начини.

Прво, во реакторот има камчиња кои се всушност графитни обвивки во кои се наоѓа ураниумот. Тие го спречуваат неговото разложување.

Потоа, системот за пренос на топлината е вграден во самиот реактор. Преку овој систем, реакторот постојано е полн со хелиум на температура од 950 Целзиусови степени, па затоа не му е потребен надворешен систем за ладење, како оној што ја предизвика катастрофата во Фукушима.

Жанг Жуоји, директор на Институтот за атомска енергија и нови технологии (ИНЕТ), смета дека иднината на атомската енергија е во овие нови реактори.

– Оваа технологија ќе почне да се употребува насекаде во светот во следните пет години. Тоа е причината зошто ние ги развиваме овие нови реактори, вели тој.

Иако земји како Саудиска Арабија и САД се обидуваат да ја применат оваа напредна технологија, има држави што се уште се обидуваат да ја обноват застарената опрема што ја имаат.

САД се надеваат дека новите реактори ќе функционираат на многу поголемо ниво од претходните.

Инженерите од НАСА во моментов го развиваат и тестираат проектот „Килопауер“. „Килопауер“ е нуклеарен реактор што има потенцијал да произведува енергија за мисии до Месечината, Марс, па дури и за подалечни мисии.

Овој реактор може да произведува енергија не само за превоз до Марс, туку и за населбите што еден ден може да постојат на таа планета.

– Идните мисии ќе имаат на располагање безбеден, ефикасен и обилен извор на енергија. Овој проект ќе биде важен дел од системите за енергија на Месечината и Марс, изјави Џим Реутер од НАСА, по низа успешни тестови.

Заклучок

Ако ги оставиме настрана новиот дизајн на реакторите и нивната примена во вселенските мисии, очигледно е дека атомската енергија се враќа во мода, иако можеби се уште не е толку популарна како порано.

Полека но сигурно, се докажува дека атомската енергија има голема улога во енергетските политики на една држава, посебно во државите кои сакаат да користат чисти и обновливи извори на енергија.

Но, како и досега, иднината на овој извор на енергија е непредвидлива и полна со разни препреки. Само едно топење на поголем реактор не дели од дебатата дали користењето на атомска енергија треба засекогаш да биде забрането.

Напредокот во дизајнот и новата примена на нуклеарните реактори може да го намалат стравот што населението го има од користењето на атомска енергија. Можеби наскоро, повторно ќе почнеме да ја сметаме атомската енергија како можен алтернативен извор на енергија, и тоа не само за нашата планета.

Би можело да ве интересира

Доаѓа ли крајот на атомската енергетика?

Ана Ололовска

Властите на нордиски држави соопштија за зголемено ниво на радиоактивност во северна Европа

Ана Ололовска

ОАЕ дозволија да почне со работа првата нуклеарна централа во арапскиот свет

Ана Ололовска

Нуклеарно оружје: Кои држави го имаат и колку

Ана Ололовска

Половина век од најстариот нуклеарен реактор во Европа

Ана Ололовска

Различни информации за нуклеарните разговори меѓу САД и Северна Кореја

А1он