Рускиот претседател Владимир Путин е потрошена сила во светот, без разлика како ќе заврши војната во Украина, смета британскиот министер за одбрана Бен Валас, со претпоставка дека инвазијата ќе биде крај на Путин.
Офанзивата на Русија во Украина, која Кремљ ја нарекува „специјална воена операција“, продолжува, но е забавена, велат од украинската војска и разузнавачка заедница додека луѓето бегаат од бомбардираните градови.
„ Претседателот Путин е потрошена сила во светот“ – изјави Валас во интервју за „Тајмс радио“.
Британскиот министер смета дека инвазијата не оди според планот на Русија.
„Ова ќе биде крајот на Путин“ – рече Валас, додавајќи дека би било невозможно да се окупира таков народ и држава.
Тој исто така рече дека Путин е одговорен за смртта на илјадници негови војници.
„Долгорочно, веќе никој нема да ги прима неговите телефонски повици. Тој ја исцрпи својата војска, тој е одговорен за смртта на илјадници руски војници, за убиствата на невини луѓе. Тоа ја сведе руската економија на нула. За тоа мора да преземе одговорност“ – заклучи британскиот министер.