Брегзит може повторно да го потпали конфликтот во Северна Ирска

Од:

ФАЦ, Франкфурт

Новата трговска граница меѓу ЕУ и Велика Британија, која се појави по Брегзит во Ирското Море, кај Северноирците создава чувство на изолација, а тоа, пак, може повторно да го разгори речиси заборавениот конфликт, предвидува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Опасноста од ескалација расте. Во главниот град Белфаст криминалците ја гаѓаа полицијата со камења, петарди и молотови коктели, на што полицијата одговори со водени топови.

Во судирите во изминатите денови се повредени десетици полицајци. Судирите избија откако политичарите од католичката партија „Шин Феин“ присуствуваа на погребот на поранешен терорист од католичката ИРА, кога не се испочитуваа антипандемиските мерки. Пробританските демонстранти ја обвинија полицијата дека ги толерира овие прекршувања.

Во последната ноќ од судирите во Белфаст полицијата употреби водени топови, а притоа најмалку 55 полицајци беа повредени

Како што е познато, британската покраина Северна Ирска е дел од остров и се граничи со Република Ирска, која се отцепи од Велика Британија во 1921 година и е членка на ЕУ од 1973 година. Со Северна Ирска владеат двете најголеми партии, британските протестанти и републиканските католици. Децениските крвави судири меѓу двете групи (поранешната Ирска републиканска армија ИРА и радикалните унионисти) завршија со историскиот Договор од Велики петок во 1998 година, најмногу заради фактот што Велика Британија и Ирска беа членки на ЕУ заедно. Но, по Брегзит, работите драматично се променија.

„Несомнено има голем број локални фактори кои играат улога во избувнувањето на насилството во Северна Ирска. Протестантските унионисти јасно имаат впечаток дека антипандемиските правила не важат за католичките републиканци, што дополнително ја труе веќе запалената политичка клима во Северна Ирска. Се разбира, Брегзит е главниот товар во ситуацијата. Многу унионисти мислат дека Лондон ги жртвуваше за напуштање на Европската унија – и тоа не е далеку од вистината”, нагласува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Паравоени групи од Северна Ирска веќе го напуштија Договорот од Белфаст. Во писмото до британскиот премиер Борис Џонсон од 3 март тие напишаа дека ја повлекуваат својата поддршка.

Во разговорите за излез од ЕУ премиерот Џонсон се согласи да дозволи трговската граница да го преминува Ирското Море, што автоматски и доделува на Северна Ирска посебна улога во Велика Британија и им дава на луѓето чувство на изолација.

За целиот период подолг од четири години помеѓу одлуката за напуштање на ЕУ и крајот на преодниот рок, сите се обидуваа да откријат дали Брегзит ќе донесе повеќе придобивки или поголема штета на Британија. Оваа желба не беше реална, бидејќи последиците станаа очигледни дури откако Обединетото Кралство конечно ја напушти ЕУ. Досега, Борис Џонсон може да се пофали со само еден успех: брзата набавка на вакцините против коронавирусот. Всушност, дури и како земја-членка на ЕУ, Велика Британија можеше да го постигне истото. Во графата со негатвините работи од Брегзит, меѓутоа, вклучува голем број позиции: особено влошените услови за трговија со ЕУ, како и повторното појавување на речиси заборавениот конфликт. Конфликтот за кој се најде многу добро решение: членството во ЕУ на Ирска и Велика Британија, заклучува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Би можело да ве интересира

Молотови коктели фрлени врз полицијата во Северна Ирска пред посетата на Бајден

Ана Ололовска

Полицијата на Северна Ирска: Очекуваме терористички напади на Велигденскиот понеделник

Ана Ололовска

ВИДЕО: Договорен е протоколот за Северна Ирска, познати првите детали

Ана Ололовска

Џон Мејџор: Излегувањето на Британија од ЕУ беше голема грешка

Ана Ололовска

Градоначалникот на Лондон: Брегзит не функционира

А1он

Две третини од Британците сакаат референдум за повторно пристапување во ЕУ