Специјалниот претставник на Обединетите нации и Арапската лига за Сирија Лахдар Брахими изјави денеска по разговорите со високи американски и руски претставници дека е постигната согласност оти се уште постои можност за пронаоѓање на политичко решение за кризата во земјата.
– Средбата беше конструктивна и се одржа во амтосфера на соработка. На неа беа разгледани начините за забрзување на мировниот процес и за мобилизирање на пошироки меѓународни дејствија во корист за политичко решавање на сириската криза, изјави Брахими во соопштението по разговорите, кои се одржаа во Женева.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров претходно изјави дека експертската средба во Женева, која се водеше ниво на заменици-министри за надворешни работи е „плоден разговор на кои немаше поставување на услови или ултиматуми“.
Лавров нагласи дека Русија не води никакви преговори за судбината на сирискиот претседател Башар ал Асад.