Белорусија: Во текот на ноќта уапсени уште 700 демонстранти

Од:

Белоруското Министерство за внатрешни работи соопшти дека синоќа се уапсени уште 700 демонстранти, на четвртиот ден од пост-изборните протести, кои беа насилно задушени. Со тоа, вкупниот број на уапсени се искачи на 6.700 од почетокот на протестите.

Министерството оцени дека немирите „го изгубиле масовниот карактер“, но дека „нивото на агресија кон безбедносните сили е сè уште високо“.

Во соопштението од белоруското МВР уште се наведува дека изминатата седмица повредени се 103 полицајци, од кои 28 се во болница.

Министерството не соопшти колкав е бројот на повредените демонстранти, против кои полицијата употреби солзавец и пендреци, како и гумени куршуми и шок бомби.

Илјадници Белоруси протестираа синоќа во Минск и други градови во земјата, а локални медиуми јавуваат дека и во текот на претпладнето имало стотици луѓе на улиците.

Денеска на улиците на Минск излезе и дел од медицинскиот персонал, кои изразија солидарност со повредените во протестите.

Исто така, своето незадоволство го изразија и музичарите од Белоруската концертна сала.

Според официјалните резултати на претседателските избори што се одржаа во неделата, Лукашенко освои 80 проценти од гласовите, а неговиот главен противник Светлана Тихановскаја 10 проценти.

Демонстрантите излегуваат на улиците секоја вечер од неделата и бараат ново броење на гласовите.

Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел ги повика белоруските власти да го запрат насилството и без одложување да се „вратат на патот на вистинско демократско однесување“.

Во блогот објавен на сајтот на ЕУ, Борел наведе дека белоруските власти мораат да го прекинат насилството, да ги ослободат сите арбитрерно приведени лица и да отворат дијалог со јавноста, а доколку тоа не го направат, Унијата ќе мора „да ги преиспита своите односи“ со Белорусија и да „преземе санкции против одговорните за насилствата, арбитрарните апсења и фалсификување на изборните резултати“.

Би можело да ве интересира

Белоруската полиција пукаше во воздух на протест во Брест

Ана Ололовска

Во Минск приведени најмалку десет демонстранти

Ана Ололовска

Во Белорусија уапсени десетици демонстранти

Ана Ололовска

Минск: Учеството на Тихановскаја на состанок на ЕУ би било мешање на Унијата

Ана Ололовска

Полска и Литванија тврдат дека границата со Белорусија не е затворена

Ана Ололовска

ЕП: Координативниот совет е привремен претставник на народот во Белорусија

А1он