Белгија: Огромна материјална штета и откажани летови поради бурата Киара

Од:

Бурата Киара што ја погоди западна Европа ноќва не ја поштеди Белгија, особено крајбрежјето на Северното море. Повеќето авиокомпании ги откажаа или одложија летовите.

Ветрови до 130 километри на час, откорнати дрвја и кровови, урнати фасади, откажани спортски натпревари… бурата Киара ја растревожи цела Белгија. Десетици илјадници повици мобилизираа стотици пожарникарски служби цела ноќ, а нивото на тревога останува високо и во текот на денешниот ден со ветрови кои треба да достигнат повторно околу сто километри на час.

За среќа бурата предизвика само една жртва кога падна дрво врз автомобил, лицето е однесено во болница со повреди на главата, а властите препорачуваат и денеска да се биде внимателен.

Киара ја погоди речиси цела северозападна Европа. Во Британија, околу сто илјади семејства останаа без струја, додека во Шкотска се урнал кров повредувајќи три лица.

Според експертите од белгискиот метеоролошки институт оваа бура е редок феномен и е резултат на термички контраст помеѓу северниот Пол и Екваторот, што ја објаснува огромната брзина на ветровите.

-Функционира како правосмукалка која го носи воздухот од земјата нагоре, тоа создава зона на низок притисок затоа што ветерот оди нагоре, она што е посебно овој пат е што полето е многу широко, од северна Ирска до Франција, преку Белгија, Холандија и дури Скандинавија, објаснуваат од институтот.

Киара ќе продолжи да дува и во текот на денешниот ден, а училиштата кои се наоѓаат во паркови, опкружени со дрвја, ќе останат затворени денеска.

Би можело да ве интересира

Невреме ја зафати Хрватска, метеоролошкиот аларм е на сила за целата земја

Горан Наумовски

Невреме во југоисточниот дел на САД: Едно лице загина, повеќе од 100.000 без струја

САД: Стотици илјади луѓе без струја поради силно невреме

(ВИДЕО) Силно невреме во Москва, ветерот носеше се пред себе

На Малта ненадејно избувна невреме, загина нуркач, спасени 17 туристи

ВИДЕО: Град со големина на орев го погоди Гевгелиско