Американскиот претседател Џо Бајден денеска ќе ги објави плановите за намалување на смртноста од рак за најмалку 50 проценти во следните 25 години, во обид да ја оживее иницијативата „Муншот“ („Moonshot“).
Целта на иницијативата е да се забрза истражувањето и откривањето на ракот, да се направат достапни повеќе методи за лекување, но и да се поттикне превенцијата.
Бајден ја водеше иницијативата за време на администрацијата на Барак Обама, кога беше потпретседател.
Синот на Бајден, Бо, почина од рак на мозокот во 2015 година на 46-годишна возраст, поради што претседателот рече дека се зголемила неговата желба за проектот.
Според новиот план, во Белата куќа ќе биде назначен специјален координатор, ќе се формира официјална агенција за рак која ќе ги спои владините оддели и агенции, а ќе биде обновен пристапот до рано откривање на ракот.
Белата куќа, исто така, ќе биде домаќин на самит на сите засегнати страни, ќе отвори веб-страница и ќе продолжи со серијата тркалезни маси, одржани во изминатите шест месеци на темата „рак“. На самитот ќе присуствуваат и Бајден и потпретседателката Камала Харис.
Откако иницијативата беше покрената во 2016 година, научниците рекоа дека е потребна голема промена во начинот на кој се спроведува истражувањето на ракот во Соединетите Американски Држави за да се постигнат целите на програмата.