Бајден денеска во Саудиска Арабија на разговори за енергенсите и човековите права

Од:

Снабдувањето со енергија, човековите права и безбедносната соработка ќе бидат темите на денешните разговори на американскиот претседател Џо Бајден со кралот на Саудиска Арабија, Салман бин Абдулазиз и престолонаследникот Мохамед бин Салман, изјави за новинарите висок претставник на американската администрација.

Посетата на Бајден на Саудиска Арабија ќе биде во фокусот на јавноста поради тврдењата на американските разузнавачи дека саудискиот престолонаследник директно го одобрил убиството на новинарот на „Вашингтон Пост“ Џамал ​​Кашоги во 2018 година, што принцот Мохамед бин Салман категорички ги отфрла.

Советниците на Белата куќа не појаснија дали Бајден ќе се ракува со принцот кој де-факто е владетел на Кралството, а планирано е американскиот претседател во текот на утрешниот ден да се сретне голем број арапски лидери на самитот во Џеда.

На почетокот од патувањето на Бајден на Блискиот Исток, официјални претставници во Вашингтон рекоа дека тој ќе избегнува блиски контакти како ракување, како мерка на претпазливост против Ковид-19.

Американскиот претседател вчера изјави дека нема да избегнува да зборува за човековите права кога ќе ја посети Саудиска Арабија, втората станица од неговата блискоисточна турнеја после Израел.

Бајден истакна дека неговиот став за убиениот новинар Џамал ​​Кашоги е апсолутно јасен, но и оти причината поради која патува за Саудиска Арабија е многу поширока, а тоа е промовирање на интересите на САД.

Бајден ќе биде првиот американски претседател што ќе лета од Израел директно во Џеда, потег што Белата куќа го толкува како „мал симбол“ за одмрзнување на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија.

Пред посетата на Бајден Саудиска Арабија рече дека ќе го отвори својот воздушен простор за сите авиокомпании, отворајќи го патот за понатамошни летови до и од Израел. Одлуката Вашингтон ја поздрави како чекор напред на патот кон поинтегриран, стабилен и побезбеден Блиски Исток.

Светските агенции пишуваат дека енергетските и безбедносните интереси ја натераа американската администрација да не ја изолираат Саудиска Арабија, најголемиот светски извозник на нафта во мигови кога земјата ги зајакнува врските со Русија и Кина, а во околности кога кај земјите од Заливот доминира загриженост заради наводното повлекување на САД од регионот.

Соединетите Држави сакаат Саудиска Арабија и нејзините партнери од ОПЕК да испорачаат повеќе нафта, за да помогнат во намалувањето на високите цени на бензините и олеснување на инфлаторниот притисок во САД најизразен за последните четири децении.

За време на престојот во Саудиска Арабија се очекува Бајден да истакне пораки за поддршка на мирот и инстирање за поинтегриран Блиски Исток, посочува висок американски претставник.

Земјите од Персискиот Залив ја споделуваат загриженоста на Израел за нуклеарната и балистичка ракетна програма на Техеран, во регионот каде Саудиска Арабија и Иран се борат за влијание.

За време на неговата посета на Израел, на првата етапа од неговата блискоисточна турнеја, Бајден и премиерот Јаир Лапид вчера потпишаа заедничка декларација со која се обврзаа да го оневозможат Иран да произведе нуклеарно оружје.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Америка го ограничи движењето на својот дипломатски персонал во Израел

Стејт департментот потврди дека ќе стави вето на приемот на Палестина во ОН во Советот за безбедност

Горан Наумовски

Белата куќа се противи на палестинската државност

Џонсон: Путин ќе продолжи да маршира низ Европа, Балканот може да биде следен

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Едно лице загина откако цистерна со нафта експлодира на автопат во Алабама

САД одделно ќе гласа за помош на Украина и Израел, републиканците на Трамп се закануваат