Авганистанската Влада и талибанците се обвинуваат меѓусебно за откажувањето на преговорите

Од:

Владата на Авганистан и талибанските бунтовници денеска се обвинија меѓусебно за откажувањето на тридневните преговори меѓу претставници на авганистанското општество и талибанците, што требаше да започнат денеска во катарскиот главен град Доха, со цел изградба на мерки на доверба меѓу двете страни.

Официјално беше соопштено дека преговорите се одлагаат поради „несогласувања околу големината и статусот на делегацијата на Авганистан“. Авганистанската Влада во вторникот го објави составот на делегацијата што брои 250 члена, меѓу кои има владини претставници, истакнати авганистански политичари, поранешни џихадистички лидери и граѓански активисти. Од вкупниот број делегати 37 се жени.

Авганистанската Влада денеска соопшти дека е изненадена од новата листа на учесници на средбата, која според неа, не овозможува „инклузивно учество на Авганистан“.

– За нас е неприфатливо некој друг да решава кој ќе биде или нема да биде дел од авганистанската делегација, се вели во соопштението на Владата во Кабул.

Талибанците, од своја страна, ги обвинија властите во Кабул дека со вклучување во авганистанската делегација на голем број владини претставници и истакнати личности блиски до Владата, сакале да ја „саботираат средбата“.

Според талибанците, Владата сакала средбата во Доха да ја претвори во директни преговори меѓу двете страни, иако тоа не било целта на собирот.

Форумот во Доха требаше да биде прв собир на кој талибанците прифатија средба со претставници на авганистанската Влада, која ја сметаат за американски марионетски режим и досега одбиваа да преговараат со неа.

Првата средба на авганистански политичари и талибанците се одржа во февруари во Москва, но на неа не присуствуваа претставници на Владата во Кабул.

По откажувањето на средбата во Доха се огласи американскиот мировен посредник за Авганистан, Залмај Халилзад, кој изрази разочарување поради „одлагањето на катарската иницијатива за авганистанско помирување“.

– Барам од сите страни да го искористат моментот и да го нормализираат мировниот процес со постигнување договор околу листата на учесници кои на разговорите ќе го претставуваат Авганистан, порача Халилзад.

Инаку, талибанците од минатото лето одржаа шест средби со претставници на САД со цел да се најде политичко решение за 18-годишната војна во Авганистан. Следната рунда американско – талибански преговори е предвидена за крајот на април во Доха.

Би можело да ве интересира

Девет деца загинаа откако експлодираше нагазна мина во Авганистан

Силен земјотрес го погоди Авганистан

Османи на дискусија за поддршка на бранителите на демократијата од Авганистан: Македонија покажа одговорност кога тоа беше најпотребно

Орце Костов

Нов силен земјотрес го погоди западниот дел на Авганистан

На СДСМ и ДУИ малку им е промената на Уставот, сега и преку Манифест ќе ги заштитуваат Бугарите

Орце Костов

Силен земјотрес е регистриран во Авганистан, на границата со Таџикистан