Ал-Кадими: Кукавичките напади не ја градат татковината и иднината

Од:

Ирачкиот премиер Мустафа ал- Кадими, кој ноќеска мина неповреден во ноќешниот напад со дрон врз неговата резиденција во добро утврдената Зелена зона во Багдад, во првичната реакција на Твитер напиша дека и тој е добар, „меѓу мојот народ. Фала му на Бога“, повикувајќи на смиреност и воздржаност во интерес на Ирак.

Нешто подоцна тој се појави и на ирачката телевизија седејќи на своето биро и спокојно изјавувајќи дека „кукавичките напади со ракети и дронови не ја градат татковината и не ја градат иднината“.

Двајца ирачки официјални лица изјавија дека седуммина од телохранителите на Ал Кадими се ранети во нападот со две беспилотни летала.

Засега се уште никој не ја презеде одговорноста за нападот.

Американските медиуми оценуваат дека нападот претставува голема ескалација во екот на тензиите предизвикани од одбивањето на фракциите кои го поддржуваат Иран да ги прифатат минатомесечните резултати од парламентарните избори, пренесува АП.

Во владиното соопштение се наведува дека дроновите, со кои бил изведен нападот, биле натоварени со експлозиви, и биле директно насочени кон резиденцијата на премиерот.

Жителите на Багдад слушнале детонација проследена со силно пукање од правец на Зелената зона, во која се сместени странските амбасади и владини канцеларии.

Државните медиуми наведуваат дека безбедносните сили „ги преземаат неопходните чекори во врска со овој неуспешен обид за атентат врз премиерот“.

Обидот за атентат врз премиерот се случи во време на судири меѓу безбедносните сили и проиранските, шиитски фракции.

Поддржувачите на овие проирански организации речиси цел месец кампуваа на надворешните линии на Зелената зона во Багдад, откако ги отфрлија резултатите од парламентарните избори во земјата, на кои загубија околу две третини од своите места.

Протестите станаа радикални во петокот кога демонстрантите се обидоа да влезат во Зелената зона, на што безбедносните сили употребија солзавец и боева муниција. Во размената на оган загина еден демонстрант поврзан со проиранската милиција, а десетици припадници на безбедносните сили беа повредени.

Ал Кадими нареди истрага за да се утврди што ги предизвика судирите и кој ги прекрши наредбите да не се отвора оган.

Некои од лидерите на најмоќните фракции лојални на Иран отворено го обвинија Ал Кадими за судирите и смртта на демонстрантите.

Би можело да ве интересира

Први видеа од иранскиот напад на Израел – небото над Блискиот исток празно

Анита Петровска Рајковиќ

Ирачкиот премиер прогласи тридневна жалост за жртвите од американските воздушни напади

(ВИДЕО) САД извршија одмазднички напади во Ирак и Сирија

Нападната американска база во Ирак, има и повредени

А1он

(ВИДЕО) Иран ги нападна Ирак и Сирија: Го уништивме шпионскиот штаб на ционистичкиот Мосад

Пет турски војници загинаа во напад на воена база

Горан Наумовски