Двајцата најискусни македонски репрезентативци Кирил Лазаров и Борко Ристовски се едногласни дека настапот на Македонија на Европското ракометно првенство во Полска, преставува неуспех.
По поразот од Белорусија (30:29) македонската репрезентација го заврши своето учество на шампионатот со само два нерешени исходи и дури четири порази, што само по себе за Ристовски преставува неуспех.
– Што се однесува резултатски, ќе се повторам. Мислам дека е тотален неуспех. Го завршиме првенството без победа, само со два нерешени натпревари. Оттаму само по себе тоа преставува неуспех, изјави голманот Ристовски.
Капитенот Лазаров смета дека репрезентацијата потфрли и дека остварениот резултат е неуспех
– Потфрливме, мислам дека ако победевме на некоја од претходните средби, сликата ќе беше поинаква, само една победа над Белорусија ќе беше како маска, но што е тука е. На стартот од првенството немавме јасна цел, немавме одредено како во Данска дека сакаме да одиме во втората фаза или да освоиме одредено место. Тука игравме и мислевме на тие квалификации за Рио. Имаме историска шанса која сме ја заслужиле и треба да се погрижиме да ја искористиме, изјави Лазаров по натпреварот со Белорусија.
Македонија шампионатот ќе го заврши на 11 место.