Откако минатата седмица Луис Суарез од своите колеги во Премиер лигата го понесе признанието за најдобар фудбалер во сезоната, денеска тој беше прогласен за најдобар и од новинарите кои го следат фудбалското првенство на Англија.
Фудбалерот на Ливерпул, Суарез, освои вкупно 52 проценти од гласовите од новинарите, оставајќи го зад себе својот капитен Стивен Џерард на второто место, односно Јаја Туре од Манчестер Сити на третото место.
– Тој е неуморен, со неверојатна креативност и упорност, што чини неверојатна комбинација. Додајте ја и неговата генијалност, дрскост во завршниците и ќе добиете фудбалер кој го забрзува пулсот, изјави Енди Дан, претседател на Здружението на фудбалските новинари во Англија.
Суарез сезонава постигна 30 голови во Премиер лигата, иако поради суспензија не настапи во воведните шест кола.
Суарез е само вториот фудбалер на Ливерпул по Џерард (2009 година) кој го добива ова признание, а награта ќе му биде врачена на 15 мај во Лондон.