Врбица Стефанов: Никогаш нема да ја оставам репрезентацијата

Од:

Легендата на македонската кошарка и еден од најдобрите европски бекови во историјата Врбица Стефанов, во интервју за МИА, потврди дека никогаш и не помислил да ја остави репрезентацијата на својата татковина.

Стефанов смета дека не може многу да и помогне на репрезентацијата како административец вршејќи ја функцијата Директор, туку дека својот максимум може да го даде само со работа на паркетот.

Верувајќи во квалитетите на играчите, популарниот Врба очекува дека Македонија повторно може да направи висок резултат на претстојното Европско првенство во Словенија.

Стефанов, меѓу другото, во интервјуто истакнува дека Македонија има талентирани кошаркари кои со координирана и квалитетна програма и работа, во скора иднина треба да донесат резултати.

Деновиве беше пласирана информацијата дека Врбица Стефанов ја напушта кошаркарската репрезентација на Македонија.

Веднаш конкретно да одговорам. Не. Никогаш и не сум помислил да ја оставам или како што се пишуваше „напуштам“ кошаркарската репрезентација на мојата татковина. Верувам дека збор „напуштам“ е многу лош или погрешно избран збор, претпоставувам со цел медиумот кој го објавил да има подобар наслов и поголема читаност.

VrbicaStefanov1

Тогаш, за што станува збор?

Секогаш сум ја ставал репрезентацијата на Македонија на прво место. Така беше и додека активно играв кошарка, иако многупати бев во ситуација кога имав огромен притисок од моите клубови каде што настапував. Секогаш максимално одговорно и професионално ги прифаќав сите обврски во репрезентацијата, сите задачи, но што е уште поважно, тоа го правев со задоволство. Секогаш ми било чест и гордост да го носам репрезентативниот дрес, а убеден сум дека и македонската јавност беше задоволна од тоа како ја преставував мојата земја. Чувствував обврска но и желба да помогнам и по моето завршување на активната играчка кариера. Затоа по ЕП во Полска 2009 година ја прифатив улогата на Директор на сениорската репрезентација, иако во тој момент и не ми беше јасно, дека тоа е само административна улога.

Сепак, тоа се покажа како клучен потег за најголемиот успех на Македонија со освојувањето на 4.место на Евробаскетот во Литванија, имајќи ја в предвид вашата улога при ангажманот на Лестер Бо Мекејлеб и кондициониот тренер Сандро Бекардино.

Да. Со гордост можам да кажам дека благодарение на моите лични контакти и почитта која кон мене ја имаат луѓето од Монтепаски, успеав да ги обезбедам Мекејлеб и Бекардино, луѓе чија улога и заслуга ни е добро позната на сите, за успехот кој го направивме во Литванија. Мислам дека тоа е она што најмалку можев да го направам во тој момент. Беше вистинско уживање да се биде дел од тој историски успех.

Останувате ли на функцијата Спортски директор на сениорската репрезентација?

Не. Сега, не гледам никаква смисла во тоа. Како што реков тоа е административна улога. Не сум човек кој сака да живее како „англиска кралица“. Со моето присуство во хотелите каде што престојува селекцијата или пак со седењето на клупа на натпреварите без ангажман, е без ефект, без резултат. Јас сум човек кој сака да работи, да помага, да придонесе за успехот на својата земја. Во разговор со Претседателот на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) Даниел Димевски, пред нешто повеќе од еден месец му реков дека јас никогаш, ама баш никогаш нема да ја напуштам македонската репрезентација, но дека во овој момент е подобро функцијата директор, каква и да е таа, да ја врши некој друг, бидејќи едноставно јас не се гледам во таа улога.

Тогаш во која улога се гледа себеси Врбица Стефанов?

Реков јас сум човек кој сака да работи, човек од акција. Од лани сум ангажиран во академијата на мојот некогашен менаџер Лучано Капичиони, во улога на главен координатор и човек кој е задолжен за систем на работа во неколкуте кампуси кои ги има ширум Европа, а кои се е под капата на менаџерската агенција „Интерперформанс“. Подолг период работам и на мое до усовршување во кошарката, за да го пренесам сето она што сум го научил во овој спорт, дури и од најголемите европски стручњаци. Врбица не е човек за администрација, јас сум човек од акција, за работа на терен, со играчите. Сакам да верувам дека тоа ќе знаат како да го искористат сите оние кои ја сакаат македонската кошарка и Македонија како што јас ја сакам.

VrbicaStefanov2

Значи ли тоа дека Стефанов е подготвен да ја прифати тренерската функција?

Можеби во овој момент не, но наскоро, многу наскоро може да се случи и тоа. И покрај сите проблеми со кои се судрувам во мојот приватен живот веќе подолги години, се уште имам сила, но и најважно желба и знаење, да им помогнам на македонските кошаркари. Реков и да се повторам уште еднаш. Врбица Стефанов никогаш нема да се откаже од македонската кошарка (репрезентација).

Да го искористиме ова интервју и да проговориме за она што претстои, ЕП во Словенија. Какви се твоите очекувања од македонската репрезентација?

Треба на целокупната јавност да и биде јасно, дека не само на Македонија, туку и на било која кошаркарска селекција и е многу потешко да го повтори добриот резултат отколку да направи неочекувано уште подобар. Во Литванија бевме на чекор од медал, а сетете се колку поголеми фаворити од нас не ја минаа ни првата фаза. Играчите сега се поискусни, но и нашите противници сега нема да не гледаат како аутсајдери, па затоа јасно е дека ќе ни биде потешко, многу потешко.

Ако во наредите месец дена, максимално посветено и ангажирано се сработат подготовките, ако тимот ја одржи позитивната меѓусебна другарска атмосфера, ако добро се анализираат и поправат прво нашите квалитети и слабости, а потоа и на противниците, јас верувам дека Македонија, може да направи повторно  добар резултат.

Кој е тој резултат?

Првенствено мора да се оди чекор по чекор, од натпревар за натпревар, да се размислува од противник за противник, никогаш не смееме однапред да размислуваме што следи по два-три дена. Најнапред треба да ја минеме првата фаза. Нема да биде лесно но познавајќи ги играчите верувам дека во тоа ќе успеат. Во втората фаза ќе биде потешко, но нели така беше и во Литванија!? Мотив повеќе за влез во четвртфиналето сигурно ќе биде и шансата со пласман меѓу првите седум да обезбедиме и за прв пат пласман на Светско првенство. Очекувам дека и македонската „Фаланга“ ќе даде поддршка на нашите репрезентативци, а убеден сум дека овој пат во Словенија, и во многу поголем број ќе ги бодрат на сите натпревари, дај Боже тоа пак да биде до последниот ден на шампионатот.

Има ли иднина македонската кошарка, ако пред се се земат предвид лошите резултати на младите селекции?

Мак баскетот и по Буштур (Благоја Георгиевски), Пеце (Петар Наумовски) и Врба (Врбица Стефанов) имало и  ќе има таленти, кои со правилна, координирана, добро испланирана и квалитетна програма и работа, во скора иднина треба да донесат резултати. Треба на младите да им се дава повеќе шанса. Но, треба и на младите тренери кои работат и имаат резултат во тие млади категории, да им се даде шанса да се докажат. Од друга страна, треба и нивна едукација, надградба на знаењето, како и контрола на нивната работа.

Она што сакам да го потенцирам е дека не треба да дозволиме младите играчи многу рано да ја напуштаат нашата татковина. Зошто го велам ова? Има Македонија таленти кои се подобри од нивните врсници од многу поголеми и поразвиени кошаркарски земји од нашата, но тие секогаш ќе бидат странци во таа земја каде и да отидат. Тие секогаш, ќе бидат во втор, трет план, на тренерите во тие земји, во однос на домашните кошаркари, едноставно тие секогаш ќе бидат странци. Ова го зборувам од лично искуство.

Ја поддржувам идејата, прволигашките екипи задолжително да имаат младински екипи, кои ќе ги играат своите натпревари како увертира, вовед, пред натпреварите на сениорите. Мислам дека тоа ќе го зголеми интересот за кошарката, а публиката наместо два ќе мине три, четири часа во салите. Тоа сигурно е мотив и за младите играчи.

За крај, порака до македонската кошаркарска јавност!

Се гледаме во Словенија. Бодрете ја и навивајте за репрезентацијата на Македонија.

Би можело да ве интересира

Српските кошаркари против Литванија во финалето на Европското првенство во Ерусалим

Лекарот на српската репрезентацијата објасни зошто му е изваден бубрег на Симаниќ

Горан Наумовски

Летонските кошаркари направија изненадување и ја победија Шпанија на Мундобаскетот

Франција е елиминирана од Светското првенство во кошарка

Евролига: Макаби има нов центар

Предраг Петровиќ

Теодосиќ ќе го облече дресот на Црвена звезда

Предраг Петровиќ