Вработените во германскиот автомобилски гигант „Дајмлер“ ќе добијат бонус од профитот на компанијата во износ од 5.400 евра, што е висока сума дури и за германски прилики, јави дописникот на МИА од Берлин.
Според соопштението од компанијата, Управниот одбор на „Дајмлер“ и Генералниот совет на работници се договориле да наградат околу 130 илјади вработени за успешната бизнис година.
Бонус ќе добијат само работници опфатени со колективниот договор меѓу работниците и фирмата, а парите од бонусот ќе им бидат префрлени со априлската плата.
„Дајмлер“ вкупно низ целиот свет има околу 283 илјади вработени, а во своите фабрики во САД и Бразил лани имаше намалување на бројот на работници.
Лани компанијата оствари профит од 12,9 милијарди евра, што е за 300 милиони евра помалку од предвиденото. За 2017 година „Дајмлер“ предвидува минимално зголемувањње на профитот, поради зголемените трошоци за развој на електрични и автономни возила.