Компанијата „Волво“ го искористи актуелниот саем на автомобили во Њујорк на американската публика да и го претстави новиот модел „ХС60“, но и да го одбележи значајниот јубилеј – 90 години од лансирањето на својот прв автомобил.
Во далечната 1927 година, оваа шведска компанија на купувачите им го понуди моделот „ОВ4“. Првите две букви означуваа дека станува збор за возило со отворен покрив, додека бројот четири го симболизираше 1.9-литарскиот мотор со четири цилиндри.
Погонскиот агрегат испорачувал 28 коњски сили и бил поврзан со трибрзински мануелен менувач. Интересно е дека конструкцијата на автомобилот била израборена од јасеново и буково дрво.
„Волво ОВ4“ бил во состојба да развива во тоа време респектабилни 90 километри на час. Автомобилот се произведувал до 1929 година, а биле направени само 275 примероци, затоа што отворениот покрив не бил многу баран во Шведска.