Чешкиот производител на автомобили „Шкода“ на престојниот авто-салон во Шангај ќе го претстави концептот „Вижн Е“ со кој ја најавува серијата продукциски модели на електричен погон.
Како и другите големи авто-компании и „Шкода“ полека се врти кон електричните возила. Планирано е до 2025 година на купувачите да им понуди дури пет сериски автомобили на струја.
Најавата за електрична офанзива почнува со концептот „Вижн Е“. Станува збор за купе кросовер со модерен, спортски дизајн што премиерата ќе ја има на саемот на автомобили во Шангај, во април 2017 година.
Во пресрет на официјалното претставување на ова возило „Шкода“ ги објави првите дизајнерски цртежи што донекаде ни нудат увид во неговиот надворешен изглед.
Концептот „Вижн Е“ е обликуван така да нема класични „Б“ столбови, што е одлика на правите купеа. Меѓуосовинското растојание изнесува дури 2.850 милиметри , што покажува дека конструкторите обезбедиле доста простор за сместување на патниците во кабината, барем кога стабува збор за просторот за нозе.
Автомобилот силата ја добива од електромоторот што произведува 300 кс (225 кW) и овозможува максимална брзина на возилото од 180 километри на час.
„Шкода„ не ги објави сите технички детали, но соопшти дека електромоторот струја ќе добиба од литиум-јонски батерии чиј капацитет е доволен „Вижн Е“ да мине до 500 километри пред да остане без електрична енергија.
Покрај електричниот погон, „Шкода“ на овој концепт ќе претстави и систем за автономно возење, што обезбедува возилото да се движи без помош на возач како во град, така и на автопат. Овој систем функционира со помош на централен компјутер и бројни сензори и камери на возилото.
Технологијата на авто-пилот на автомобилот му овозможува по потреба самостојно да изведува маневар на претекнување, како и да остане во рамки на патеката по која се движи и на дистанца во однос на другите возила. Системот автоматски ги детектира слободните паркинг места и е во состојба да го паркира автомобилот без асистенција на возачот, а потоа и да го одпаркира и да го почне возењето.
„Шкода„ најави и дека првиот „електрифициран“ сериски модел ќе биде „Суперб“, што во 2019 година ќе се појави во Плуг-ин хибридна варијанта.
Една година подоцна ќе биде лансиран и првиот сосема електричен модел, што ќе се темели на МЕБ механичката платформа на групацијата „Фолксваген“, додека до 2025 година ќе се појават вкупно пет модели на струја.