Најсилниот автомобил кој компанијата „Сеат“ некогаш го произвела „Леон Купра“, кој има 300 коњски сили, застана на стартната линија со едни од најбрзите кучиња на светот хаските, со кои ги одмери силите на замрзнато езеро во финскиот регион Лапланд.
„Сеатот“, кој го возеше професионалниот возач Џорди Џејн, се тркаше со шест хаски, што влечеа санка. Иако е јасно дека се работи за нефер трка, видеото е снимено од забава, но и за да се истакнат важните карактеристики на најбрзиот патнички автомобил некогаш произведен во „Сеат“.
Хаските се многу силни и издржливи и за еден ден можат да претрчаат до 130 километри. Тие спаѓаат во група на најбрзи кучиња на светот и можат да трчаат со брзина од 40 километри на час.
„Леон Купра“ и хаските својата сила и вештините ги покажаа на замрзнатото езеро Пику-Ниси, каде дебелината на мразот изнесуваше околу еден метар.
„Леон Купра“ чини 35.440 евра и е најскап модел во понудата на „Сеат“. Го покренува дволитарски бензински мотор со турбополнач, кој развива 300 коњски сили и 380 њутн метри вртлив момент. Моќноста се пренесува на систем на сите четири тркала преку шестстепен автоматски менувач.
Караванот со високи перформанси од 0 до 100 километри на час забрзува за 4,9 секунди пред да ја достигне максималната брзина од 250 километри на час.
Наспроти тоа што дише со спортски дух, „Леон Купра“ е и практичен автомобил, така што во багажот со спуштени задни седишта успеа да ги собере сите шест хаски и санката.