Околу триста деца кои го сакаат ракометот ова лето ќе учествуваат на кампот „Кирил Лазаров 7“. Кампот ќе биде во две смени, а во организација на „КМГ спорт“ и на Кирил Лазаров.
На денешната прес конференција беа објавени дел од деталите поврзани за активностите, додека дел ќе бидат дополнително соопштени. Тука пред се се мисли на тренерите кои ќе бидат дел од 14-дневното другарување со најдобрите ракометари од Македонија и од Европа.
Најдобриот македонски ракометар информира дека кампот ќе има интернационален карактер.
– Сите мислиме кон она што не чека викендов, квалификациите за ОИ во Гдањск. Посакувам додека бидеме на кампот во јуни, да ги полниме батериите за Рио, додека работиме со дечињата со мислите да сме свртени кон Олимписките игри. Најголемиот дел од децата учесници ќе бидат од Македонија над 70%, иако кампот ќе има и меѓународен карактер, со деца од Данска, Шведска, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Романија, истакна Лазаров.
Првата смена на кампот „Кирил Лазаров 7“ ќе биде од 17-23 јуни, втората од 24-30 јуни, а ќе се одржува во комплексот на хотелот „Аквалина“ во Охрид.