Фудбалската федерација на Швајцарија соопшти дека не очекува казни за репрезентативците Ѓердан Шаќири и Гранит Џака, откако ФИФА покрена истрага против нив.
Швајцарската репрезентација ја совлада Србија со 2:1 во натпревар од групата Е на Светското првенство во Русија, а стрелци на головите за Швајцарија беа Џака и Шаќири.
Швајцарските фудбалери, кои имаат албанско потекло, на головите и на победата се радуваа гестикулирајќи орел како симбол на албанското знаме, а многумина особено од српската страна тоа го сфаќaат како политичка провокација.
– Не сум сигурен дали ФИФА воопшто ќе реагира и се ќе зависи од проценката на Дисциплинската комисија. Тоа не беше политичка порака, туки спонтана реакција на играчите, истакна функционерот на Фудбалската федерација на Швајцарија, Клаудио Сулсер.
Тој потврди дека на фудбалерите им било обрнато внимание во иднина да не го прават тоа.
И швајцарскиот министер за спорт, Ги Пармелин, застана во одбрана на Џака и Шаќири нагласувајќи дека „играчите биле емотивни“ и дека „не е во духот на спортот емоциите да се претвораат во полемика“.
ФИФА соопшти дека ќе отвори истрага и против Фудбалската федерација на Србија за проблемите со српските навивачи кои извикувале политички и навредливи пораки, но и против српскиот селектор, Младен Крстајиќ, за изјавите по натпреварот.