Селекторот на Бразил Луис Фелипе Сколари по синоќешниот дебакл доживеан во мундијалското полуфинале против Германија ја презема одговорноста за најтешкиот пораз во историјата, се извини на нацијата и побара прошка.
Бразил загуби со 7:1, а Сколари по натпреварот отиде до секој свој фудбалер да го утеши, ама не заборави да им ја честита победата на противничките играчи.
– Го молиме бразилскиот народ да ни прости. Јас сум виновен за катастрофата затоа што изборот на играчи и тактиката се мои. Им честитам на Германците кои беа одлични. Тие беа неверојатни. Не можевме ништо против нив, иако дадовме се од себе. Мислам дека ниту самите Германци нема да можат да си објаснат што се случи на натпреварот, истакна Сколари.
Бразилскиот селектор побара од јавноста поддршка за неговите избраници, бидејќи, како што рече, голем дел од нив ќе играат и на следните Мундијали.
– Имаме повеќе млади фудбалери врз кои треба да се гради иднината на Бразил. Во никој случај не смееме сега да ги жигосаме поради овој пораз. Нив мора да им дадеме максимална поддршка. Треба сите да сфатиме дека понекогаш и се губи, нагласи Сколари.