Поранешниот бразилски репрезентативец и капитен на генерацијата која во 2002 година победи на Светското првенство, Кафу, е избркан од соблекувалната на „кариоките“ по синоќешниот пораз од Германија.
Кафу дошол во соблекувалната со намера да ги утеши играчите, ама не добил зелено светло за влез од страна на претседателот на Фудбалскиот сојуз на Бразил Жозе Марин.
– Марин ми рече дека не сака никој од страна да биде во соблекувалната. Јас не сум „никој“ и не сум „од страна“ туку отидов да ја дадам мојата поддршка на момците и да ги утешам. На мое големо изненадување, речиси да бев исфрлен надвор, изјави Кафу.
Тој со 142 настапи е рекордер по одиграни натпревари во дресот на Бразил, а зад себе има и три финалиња на Мундијалите, како и два трофеја (1994 и 2002 година).