До крајот на Светското фудбалско првенство во Бразил остануваат да се одиграат уште три натпревари, а во првиот од нив вечерва од 22 часот во Сао Пауло за влез во финалето ќе се борат Аргентина и Холандија.
Во составот на „гаучосите“ ќе го нема повредениот Анхел ди Марија, ама се враќа Серхио Агуеро. Од друга страна, според последните информации Холандија не се соочува со повредени играчи, иако мали здравствени проблеми имаше Робин ван Перси, но се очекува тој вечерва да настапи од самиот почеток.
Овие две земји се состанаа во финалето на СП 1978 во Аргентина кога домаќинот победи со 3:1 и го освои првиот од двата трофеја. Вториот трофеј Аргентинците го обезбедија на Мундијалот во Мексико 1986.
Четири години потоа на СП во Италија во полуфиналето на пенали ја победија домашната репрезентација и оттогаш до денес немаат полуфинален настап. На СП 1998 Холандија во четвртфиналето ја победи Аргентина со 2:1, а во 2006 година во групната фаза на Мундијаот во Германија одиграа нерешено 0:0.
Победникот од натпреварот Холандија – Аргентина ќе игра во финалето в недела против Германија, а поразениот в сабота за третото место ќе игра со Бразил.