Скопје домаќин на Ф4 во СЕХА

Од:

Оптимистичко расположение искажаа претставниците на Вардар Про, Металург, Загреб и нa Брест Мешков, денеска, на прес-конференцијата во пресрет на утрешните полуфинални натпревари од „Фајнл фор“ турнирот кој ќе се игра во Скопје, јави МИА.

– СЕХА лигата ги оправда очекувањата, дека секој секого победува. Сите резултати се можни. Вардар е силен тим кога станува збор за ваков тип на натпревари и верувам во успех – рече Веселин Вујовиќ, тренерот на Вардар Про. Од Металург своите очекувања ги искажаа тренерот Лино Червар и капитенот Ванчо Димовски.

– Секогаш ја подржуваме СЕХА лигата, но само ако оди во вистинска насока итреба да се избори шампионот да има можност за учество во Лигата на шампионите. За дуелот со Вардар Про можам само да кажам дека тоа е најголемото дерби на Балкан и единственото вистинско – изјави Червар. Поради повреди во составот на тимот од „Автокоманда“ ќе ги нема Манасков и Миркуловски.

– На овие натпревари нема фаворит, се игра на неутрален терен, очекувам полна сала. Оваа година во меѓусебните дуели е 1:1, а покрај овој натпревар против Вардар не очекуваат уште три. За Ф4 можам да кажам дека нема фаворити, тоа се потврди и лани, едноставно сите имаат шанси – изјави капитенот Ванчо Димовски. Златко Хорват, капитенот на Загреб посакува во СЕХА лигата да го компензираат пропуштеното од Лигата на шампионите.

– Добро работиме во последните денови. Се надевам дека пропустот од 1/8-финалето во ЛШ (Загреб не се пласира), ќе го надополниме со два добри натпревара тука. Борис Дворшек, тренерот на загрепчани изјави дека се надева на трета среќа.

– Како четвртопласирани играме на Ф4. Имаме два пораза од Брест Мешков, но се надевам на трета среќа и дека токму тука и сега ќе го одиграме најдобриот ракомет сезонава – рече Дворшек. На победа и финале се надева и тренерот на Брест Мешков.

– Задоволен сум од пласманот на Ф4 и очекувам победа на утрешниот натпревар. Ќе настапиме комплетни и сите се здрави – рече Гинтарас Савуникас. Утре во СЦ „Борис Трајковски“ од 17 часот е првото полуфинале Брест Мешков – Загреб, а два часа подоцна е вториот полуфинален натпревар меѓу македонските претставници Вардар Про и Металург. Победниците в недела ќе се борат за шампионскиот трофеj.