Тренерот на Вардар, Раул Гонзалес и покрај поразот од Весппрем, беше задоволен од играта на неговите избраници во финалето од регионалната ракометна СЕХА лига. Шпанецот им ја честиташе титулата на противниците, но рече дека нијанси одлучувале кој да стигне до тронот.
– Загубивме, но мислам дека игравме многу добро. Првите 15 минути беа фантастични, играта беше брза ние бевме многу добри. Веспрем беа подобри во одбрана. На почетокот на второто полувреме имавме водство од еден гол. Игравме со 100 проценти, но ни требаше уште малку за да го победиме Веспрем. Тие се одличен тим и голем кандидат за секој трофеј. Честитки и за моите играчи кои денеска покажаа дека сакаат да победат и играа така, истакна Раул.
Вардар останува единствениот тим во СЕХА лигата што успеал да го победи Веспрем, а сезонава двапати да игра нерешено. Финалето во Вараждин донесе до крај неизвесност и драма, од која Унгарците излегоа како победници со 28:26.
Двете екипи ги очекуваат уште два дуела во рамките на четвртфиналето од Лигата за шампионите. Првиот е за дваесетина дена во Скопје.