Познатиот шпански кошаркарски стручњак и актуелен тренер на руски Зенит, Хавиер Паскал, смета дека поради пандемијата на коронавирус и прекинот на сезоната, клубовите не се толку активни на пазарот за трансфери како порано.
„Постојат клубови како Миланo или Олимпијакос кои сега се агресивни на пазарот. По сите овие проблеми со пандемијата, многу екипи размислуваат што да направат, да ги проценат економските загуби и сè уште чекаат за нивниот буџет за сезоната. Некои екипи веќе преземаат чекори и собираат одлични ростери. Пазарот постепено се движи, бавно, но се движи, така што сите тимови мора да бидат подготвени за поактивно делување во следниот период,“ изјави Паскал.
„Пазарот е сè уште мирен, но мислам дека веќе следната недела ќе има поголема активност,“ додаде шпанскиот тренер.