Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, синоќа пред полните трибини на игралиштето „Градската плажа“ го прогласи за отворен Балканскиот шампионат во одбојка на песок „Скопје 2013“.
– Главниот град на Република Македонија деновиве, со низа настани ја одбележува 50-годишнината од катастрофалниот земјотрес. Под мотото „Скопје се сеќава“, на достоен начин ќе им оддадеме почит на жртвите на оваа катастрофа, но и повторно ќе им се заблагодариме на хуманоста и на солидарноста на луѓето од целиот свет, без чија помош Скопје сигурно немаше лесно да се дигне како феникс од пепелта на урнатините.
– Покрај културните настани, овие три дена ќе се дружиме и на спортски план, на овие прекрасни игралишта на песок, одржувајќи го по четврти пат меѓународниот турнир во одбојка на песок „Скопје 2013“, кој од оваа година за првпат е домаќин на Балканското сениорско првенство, истакна Трајановски.
Тој ги поздрави одбојкарките и одбојкарите од земјите учеснички: Србија, Романија, Албанија, Турција, Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора, Молдавија и домаќинот Македонија и додаде дека нивното учество го прават ова првенство висококвалитетно и респектабилно.
Првенството ќе се одржува на двата терени за одбојка на песок при Градска Плажа „Парк“, во термините од 10 до 13 часот претпладне, и од 17 до 23 часот попладне.
На турнирот се пријавени петнаесетина машки двојки и 13 женски одбојкарски парови. Од Македонија настапуваат:
– во машка конкуренција Јовица Симоновски и Филип Деспотовски; Александар Милков и Влатко Трајчевски;
– во женска конкуренција Власта Ружиновска и Сандра Георгиевска; Еми Веселкоска и Моника Јањевиќ.
За првите три места во машка и во женска конкуренција обезбедени се награди во вредност од по 3,5 илјади евра за секоја од конкуренциите.
Овој меѓународен спортски настан влегува во рамките на Програмата за одбележувањето на 50-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје и поради тоа голем дел од делегациите од многу земји од светот, што ќе присуствуваат на одбележувањето, присуствуваа и на чинот на свеченото отворање, а ќе присуствуваат и на финалните натпревари на Шампионатот.