Олимписките игри: Од Атина до Лондон

Од:

Францускиот барон Пјер де Кубертен покрена иницијатива за одржување на Олимписки игри со цел да создаде силно интернационално движење кое ќе ги афирмира позитивните општествени вредности, спортската и натпреварувачка култура и ќе го развива духот на заедништво меѓу народите.

Иако идејата на Кубертен е актуелна и во модерно време, Олимписките игри денес претставуваат силно и значително движење, чија важност ни нивниот основач не можел да ја предвиди.

Олимписките игри претставуваат најважен спортски настан и сигурно најзначаен медиумски настан на современиот свет.

На првите Олимписки игри на модерното време во Атина во 1896 година учествувале спортисти од само 15 земји, што пак претставувало солидна основа за развивање на значајно меѓународно спортско движење.

Идејата за заживување на олимпизмот Кубертен почнал да ја развива по поразот на својата земја во француско-пруската војна 1870-1871 година. Имено, тој сметал дека француските војници не биле доволно физички подготвени за борба, дека младите луѓе не се активни, како и тоа дека немаат развиено натпреварувачки и победнички дух.

Во исто време во Европа, благодарение на истражувањата на германските археолози Хајнрих Шиман и Ернст Куртијус, нагло пораснал интересот за античка Грција и манифестациите кои се одржувале во таа држава, а посебно за Олимписките игри.

Иако историските извори за настанокот на античките игри се изгубени во текот на изминатите векови, за тој древен натпревар сепак постојат доволно информации.

Според една од зачуваните легенди, Олимписките игри ги покренал античкиот бог Зевс, по повод победата во битката за власт над таткото Хронос, додека според други полубогот Херакле се одлучил секоја четврта година во Олимпија да се одржува натпревар на еден стадион (околу 185 метри), во спомен на неговата голема победа во таа трка во тој град.

Првиот веродостоен запис за одржувањето на Олимписките игри датира од 776 година пред новата ера, па таа година се наведува како датум на одржување на првата Олимпијада, иако некои историчари тврдат дека слични натпревари се одржувале од 13 век пред новата ера.

Во почетокот на Игрите се одржувала само трка на еден стадион, а подоцна програмата се проширила, па старите Грци се натпреварувале и на делници од 2 до 24 стадиони, во панкратон (комбинација на бокс и борење), во класично борење, петобој, буткање на рака и други дисциплини.

На Игрите можеле да учествуваат само Грци, на жените не им било дозволено да се натпреваруваат, а спортистите од 720 година пред новата ера се натпреварувале целосно голи. За значењето на манифестацијата сведочи и тоа дека во античко време периодите на Олимпијадата се применувале како еден од методите за броење на годините.

Кубертен посебно бил импресиониран од митот за Олимпиското примирје, според кој за време на траење на Игрите сите грчки држави ги прекинувале сите непријателства.

Олимписките игри во текот на римското владеење со Грција, го губеле значењето, а царот Теодосије во 393 година во новата ера, откако христијанството го прогласил за единствена официјална религија на Царството, Игрите целосно ги укинал, бидејќи сметал дека претставуваат остатоци од пагански ритуали.

Идејата за заедништво меѓу народите и натпревари меѓу младите луѓе на спортско, а не на бојно поле, Кубертен почнал да ја реализира во 1894 година. На конгрес на Сорбона, кој бил одржан од 16 до 23 јули, добил поддршка од меѓународниот аудиториум, првите Олимписки игри на модерното време да ги организира во Грција, татковина на таа манифестација.

За таа прилика основан е Меѓународен олимписки комитет, кој добил задача да ги организира Игрите во Атина, а за негов претседател бил избран Гркот Деметриус Викелас.

На Олимписките игри во Атина, кои ги отворил грчкиот крал Џорџ И, се натпреварувале 241 маж од 14 земји, поделени биле 43 комплети медали. Спортистите се натпреварувале во гимнастика, атлетика, велосипедизам, мачување, тенис, борење, стрелаштво, пливање и дигање на тегови, а натпреварите во едрење и веслање не биле одржани, иако биле сврстени во олимписката програма.

Меѓународниот олимписки комитет, по завршувањето на манифестацијата, наспроти големото противење на Грците, се одлучил следните Игри да се одржуваат во други земји и тоа била една од клучните причини што таа манифестација брзо стекнала огромна популарност ширум светот.

Во текот на својот развој Олимписките игри поминувале низ разни фази и различни искушенија. Игрите во Париз во 1900 година и во Сент Луис во 1904 година, биле во сенка на големите светски изложби кои биле организирани во тие градови и траеле речиси по пет месеци.

Игрите во Лондон траеле дури шест месеци, а дури во 1932 година во Лос Анџелес програмата на игрите била сведена на само 15 дена, колку што траат и денес.

Паралелно со ширењето и популаризацијата, олимпиското движење се соочувало со многу проблеми.

Значењето на популарноста на најголемата спортска манифестација во светот, многу брзо ја сфатија политичарите, кои преку нив се обидувале да ги промовираат своите цели и проекти, а во последните 30 години огромно влијание на организирањето на Игрите имаат и најголемите мултинационални компании.

Олимписките игри уште во 1936 година во Берлин прв ги злоупотреби Адолф Хитлер, кој се обидел да ги искористи за афирмација на национал социјализмот, а голема штета на олимпизмот, во текот на студената војна нанеле и лидерите на САД и СССР, често ставајќи ја политиката пред спортот.

Најтрагичниот настан во 112 години долгата историја на модерните Олимписки игри, се случил во 1972 година во Минхен, кога палестински терористи претставници на организацијата Црн септември, убиле девет израелски спортисти и двајца тренери, учесници на Игрите.

Тероризмот и денес по 40 години од таа трагедија, покрај присутниот допинг, е еден од најголемите непријатели на олимпиското движење.

Геслото кое се припишува на Кубертен – не е важно да се победи, важно е да се учествува, одамна не се уважува во олимпиското движење. Таа фраза, со која се афирмира масовноста на олимпиското движење, одамна ја изгуби изворната смисла и сега најчесто се апострофира како неуспешно алиби за губитниците.

Спортистите веќе подолго време не бираат средства за да ја постигнат целта и користат разни допинг стимуланси, за да постигнат врвни резултати. Се почеста е појавата каде МОК некогаш дури и по неколку месеци откако ќе завршат Игрите, на допингуваните спортисти им ги одзема медалите и таа бескрупулозност на поединци се повеќе и се посериозно ја загрозува смислата на натпреварите и спортот.

Меѓутоа и понатаму е актуелно најпознатото олимписко гесло – побрзо, повисоко, посилно. На претстојните Олимписки игри во Лондон секој спортист ќе вложи максимална сила, умешност и знаење да постигне најдобар резултат и ќе се обиде да освои медал со кој ќе стекне доживотна слава во својата земја.

Би можело да ве интересира

Леброн Џејмс сака да игра на Олимпијадата во Париз – ќе го предводи дрим-тимот

Олимпиското злато и беше одземено на Русинка и доделено на Американка

А1он

Спортистите од Русија и од Белорусија ќе добијат забрана и за Олимписките Игри во Париз?

Јапонија пред договор со ИОК за организација на Олимпијадата во 2030 година

Ана Ололовска

Русија ќе се кандидира за домаќин на Летните олимписки игри 2036

А1он

САД објавија дипломатски бојкот на ЗОИ во Пекинг

А1он