Навивачите на англискиот првак Манчестер Сити вечерва на дуелот од Лигата на шампионите против ЦСКА Москва, ќе го изразат своето незадоволство кон УЕФА со вртење грб и свиркање за време на интонирање на химната на елитното натпреварување.
Англичаните се лути на УЕФА поради забраната да присуствуваат на дуелот во Москва минатото коло поради суспензија на теренот на ЦСКА која беше казнета да игра пред празни трибини. Дополнително навивачите на Сити се револтирани од присуството на 300-400 домашни навивачи кои биле претставени како новинари и спонзори на клубот.
– Многу од нас отпатуваа во Москва, потрошија многу пари за транспорт, визи, сместување, а не добивме дозвола за влез на стадионот. Од друга страна и сами видовте дека стотици руски навивачи беа на трибините. Очигледно немаме добар третман во УЕФА, соопштуваат од „Група 1984“, едни од најстрасните навивачи на англискиот клуб.
Тие ги повикаа сите присутни на вечерашниот натпревар (почеток 20:45 часот) да свртат грб и да ја исвиркаат официјалната химна на Лигата на шампионите.