Историски најскап договор за спонзорство потпишаа премиерлигашот Манчестер Јунајтед и светски познатата компанија за спортска опрема „Адидас“, јавија денеска англиските медиуми.
Договорот е со времетраење од десет години и тежи 750 милиони фунти или 75 милиони фунти годишна заработка за клубот од „Олд Трафорд“.
Спонзорството на германскиот производител на спортска опрема доаѓа десетина дена по информацијата за прекин на соработка на Манчестер и американската фирма „Најк“.
Манчестер Јунајтед изрази задоволство за постигнатата соработка со „Адидас“ и соопшти дека важноста на договорот стапува на сила од сезоната 2015/16.
Навивачите на „црвените ѓаволи“ очекуваат финансиските средства од новиот спонзор да помогнат во враќањето на клубот на старите патеки и освојувањето на титулите како во Премиер лигата така и на меѓународните натпреварувања.
Англискиот клуб по пауза од 13 години повторно ќе настапува во опремата на „Адидас“.