Чешката тенисерка Петра Квитова на денешната прес-конференција изјави дека е пресреќна што сепак ќе може да ја продолжи својата кариера, откако пред неколку дена доживеа напад.
Квитова имаше повреди на тетиви и нерви на левата рака, кога неидентификуваниот напаѓач ја нападна со нож. Според информации напаѓачот украл 5.000 круни или околу 160 евра.
– Можам да ги движам прстите. Тоа е најдобриот новогодишен подарок, што можев да го замислам, изјави Квитова која треба да ја напушти болницата.
По нападот и беше извршена операција, која траеше 3 часа и 45 минути заради големината и тежината на повредите на прстите на левата рака.
Квитова која е двократна шампионка на Вимблдон, ќе паузира околу шест месеци и се очекува да се врати на терените во вториот дел од сезоната. Таа во моментов се наоѓа на 11. место на ВТА листата, а во кариерата има освоено 19 титули.