Белата се уште е најпопуларна автомобилска нијанса во Европа, со учество од 29 проценти во продадените нови возила, а по неа следи црната со 19 проценти и сивата со 18 проценти, објави компанијата BASF во своето најново истражување.
Кога станува збор за избор на бои за надворешноста на новите автомобили, се чини дека живееме во црно-бел свет. Речиси 80 проценти од боите за автомобилите во 2016 година се од ахроматскиот спектар на бои, во кои спаѓаат трите наведени нијанси.
Сината со 10 проценти удел е најпопуларна меѓу хроматските бои, а по неа следат црвената и кафената.
Гледајќи ги боите во однос на сегментите на возилата, можат да се видат следните разлики: додека малите автомобили најчесто се бели или со хроматски завршен премаз, кај SUV моделите преовладува сивата.
Иако распространетоста на боите во текот на 2016 година помалку или повеќе остана непроменета во однос на претходната година, дојде до зголемување на разновидноста внатре во самиот спектар на боите. Причините за тоа се постојаниот развој на нови бои, како и зголемената побарувачка за специјални ефекти мимо стандардните палети. Со мешање на постоечките бои со различни својства за додавање на ефекти, се добиваат единствени бисерни или металик ефекти.
Широкиот спектар на потенцијалните комбинации овозможува многу различни нијанси. „Ваквиот широк спектар на можности кога се работи за боите за автомобилите одат под рака со општествените мегатрендови водејќи кон целосна индивидуалност. Крајните потрошувачи денес имаат можност да изберат единствена, персонализирана боја за своите автомобили” – рече Штефан Сикерт, шеф на проектниот менаџмент за основни премази во BASF.
Освен што помагаат да се индивидуализира изгледот на автомобилите, тие ефекти исто така ја потенцираат линијата на каросеријата, а со самото тоа и карактерот на возилата.
Сината боја е водеча кога се работи за разноличност, бидејќи располага со над 100 различни нијанси. По неа следи сивата со околу 90 различни тонови.