Јаневски: Средниот ред е проблематичен

Од:

Како поради жолтите картони, така и поради малиот избор на квалитетни играчи, најпроблематичен во моментов е дефанзивниот среден ред, вели Јаневски на четири дена пред пријателската со Словенија на „Филип Втори“

Нема да менуваме формација, ниту концепција на игра, без разлика што за овој пријателски меч се повикани многу нови играчи. Најголем проблем претставува дефанзивниот среден ред, од една страна поради жолтите, но и поради малиот избор на квалитетни играчи на таа позиција, отворено вели селекторот на македонската фудбалска репрезентација Чедомир Јаневски, во пресрет на пријателскиот натпревар против Словенија, в среда на арената „Филип Втори“.

– Никола Глигоров не е повикан токму поради тоа што поради два жолти картони нема да смее да игра на следниот квалификациски меч за СП во Бразил, против Белгија во март, а нема некои квалитетни играчи за таа позиција што би можеле да бидат замена, ниту од дома ниту од странство. Во нашата формација 4-2-3-1 ни недостига уште некој таков, па можеби ќе мора некој поофанзивен да го приспособиме во овие два-три месеци – објаснува Јаневски.

Македонската репрезентација првиот собир го има в понеделник, а на списокот ги нема стандардните Горан Пандев, Николче Новески, Даниел Георгиевски, како и контроверзните Горан Попов и Стевица Ристиќ, кои беа суспендирани за дуелот со Србија минатиот месец.

– Попов и Ристиќ беа суспендирани само на еден меч и за нив вратата во репрезентацијата е отворена. Нивното отсуство за овој меч нема никаква врска со казната. Нивниот квалитет е неоспорен, но на претходните дуели не го покажаа својот максимум, па сакам да видам со какви други играчи располагам на нивните позиции. Од друга страна, неколку клуба ни испратија писма со молба да не ги повикуваме нивните играчи поради збиениот распоред, па затоа на списокот не се Пандев и Новески. Глигоровски има жолти картони и не може да игра против Белгија, па на негово место ќе го пробам Александар Тодоровски, а опција е и Стефан Ристовски, кој ми е жал што нема да е со нас зашто има меч во понеделник – вели Јаневски.

На нивно место се повикани тројца нови играчи, напаѓачот на Цирих Адис Јаховиќ, левиот бек на Вардар Мите Цикарски и офанзивецот на Турново Александар Блажевски.

– Не го повикав Јаховиќ преку ноќ, го имам следено неколку пати и во живо и на ТВ и неговиот прогрес е очигледен од најдобар стрелец во втората швајцарска лига, па до Цирих, со што го заслужи повикот. Цикарски е освежување од младата репрезентација, а Блажевски е сестран офанзивец што може да игра на повеќе позиции. Но сакам да потенцирам дека врз нив не треба да се врши притисок ниту од вас новинарите, бидејќи првпат играат и треба да видиме колку навистина можат – категоричен е Јаневски.

Би можело да ве интересира

Фудбалската репрезентација на Македонија загуби од Украина

Ана Ололовска

Кадетите на Вардар го освоија Купот на Македонија

Ана Ололовска

В четврток стартуваат квалификациите за ЕУРО2024

Ана Ололовска

Чурлинов: Можеме да направиме голема работа во квалификациите за ЕУРО2024

Ана Ололовска

Дејан Илиев нов голман на фински ХЈК

Ана Ололовска

Македонски и бугарски клуб со заедничка акција: „Не за насилството“

Ана Ололовска