Има ли подобар тест за автомобил од исцрпувачката трка 24 часа Нурбургринг? Во Хјундаи сметаат дека нема, па кон крајот на мај на 25 километри долгата патека (комбинација на ГП Патека и легендарната патека Нордшлаифе) ќе настапи со своите два нови „речиси продукциски” модели и30 Н.
Во Хјундаи минатиот викенд со минимално модифициран автомобил и30 Н, четири часовната трка која се возеше на Нурбургринг ја заврши на третото место во својата класа (зад Лексус РЦ и Ауди ТТ РС), што е одличен резултат за нивниот спортски автомобил и уште подобра увертира за 24-часовната трка на издржливост во која Хјундаи ќе настапи со два (повторно) минимално модифицирани автомобили.
– При развивањето и тестирањето на продукцискиот модел и30 Н многу време поминавме само на патеката Нордшлаифе. Подобар тестен полигон нема. Зошто се тркаме? Затоа што желба ни е буквата Н со која ги означуваме нашите спортски модели во себе да содржи и соодветно тркачко педигре, вели Алберт Биерман, поранешен шеф на М секторот на БМВ, сега на чело на Н секторот на Хјундаи, во кој се задолжени за спортските верзии на автомобилите Хјундаи.
Автомобилите на Хјундаи, кои кон крајот ма мај ќе стартуваат на трката 24 часа Нурбургринг, за која велат дека е многу сурова кон автомобилите и возачите во однос на трката 24 часа Ле Манс ќе ги покренуваат дво литарки и четири цилиндерски турбо мотори, чиј потенцијал (нешто околу 280 КС) на подлогата ќе се пренесува преку рачен шест степен менувач.
Во Хјундаи велат дека моторот и менувачот се апсолутно идентични на моторот и менувачот кои купувачите наскоро ќе можат да ги добијат со патниот модел и30 Н, а трката на инженерите во Хјундаи ќе им помогне за финално подесување на некои компоненти и евентуално подобрување на перформансите на продукцискиот модел и30 Н, кој во продажните салони на Хјундаи треба да стигне до крајот на годината.