Репрезентацијата на Германија е првиот финалист на Европското првенство во ракомет што се игра во Полска, а со триумфот на Германците над Норвешка во полуфиналето вечерва и македонската репрезентација ќе игра на олимписките квалификации како деветтопласирана од Светското првенство во Катар.
Во првото полуфинале Германија по продолжение ја победи Норвешка со 34:33 и се избори за своето прво полуфинале по 2004 година кога и беше европски шампион.
Полуфиналето беше изедначено во целост, а во првиот дел Германија беше подобра и по 30 минути водеше со 14:13. Во второто полувреме Норвешка водеше во најголемиот дел, а Германија преку Руне Дамке на 20 секунди до крајот успеа да изедначи на 27:27 и да се избори за продолжение.
Во дополнителните минути Германија имаше постојано водство од еден гол, а решавачкиот погодок го постигна Каи Хефнер на пет секунди пред крајот на продолжетоците.
Тобиас Рајхман кај Германија со 10 голови беше најефикасен, додека во редовите на Норвешка најдобар поединец беше голманот Оле Еревик со 16 одбрани.
Норвешка покрај тоа што ќе игра во натпреварот за 3.место, ќе биде и дел од олимписките квалификации што ќе се играат во месец април.
Во второто полуфинале на шампионатот во Полска од 21 часот играат Шпанија и Хрватска.
Во натпреварите за пласман Франција ја победи Данска во дуелот за 5.место со 29:26, додека домаќинот Полска во дуелот за 7.место ја совлада Шведска со 26:24.