Француска доминација на Охридскиот пливачки маратон

Од:

Француските натпреварувачи Рејмонд Аксел и Ошан Касињол се победници на денешниот јубилеен 50-ти Охридски пливачки маратон од серијата Ултра пливачки маратони на Светската пливачка федерација (ФИНА).

Аксел патеката долга 25 километри од Свети Наум до Пристаништето во Охрид ја исплива за 5:10:31 часа, победувајќи за неколку завеслаи пред второпласираниот Едуардо Стокино од Италија (5:10:32), додека трет на целта со задоцнување зад победникот од само три секунди пристигна нашиот Евгениј Поп Ацев.

Во женска конкуренција најуспешна беше Ошан Касињол од Франција на која за да ја исплива патеката „Климе Савин“ и беа потребни 5:16:39 часа.

Втора беше Каролин Жуис со време 5:45:42, а трета на целта стигна Пилар Геијло со време 5:47:21.

Пливачите на целта ги пречека претседателот Стево Пендаровски, кој како покровител на манифестацијата победниците ги овенча со Ловоров венец.

Победникот на трката Аксел кој и пред почетокот на трката беше фаворит третпат го плива Охридскиот маратон и исто толку пати прв доплива до целта.

– Патеката ми е позната, навикнат сум тука да пливам и да победувам. Условите беа добри, времето релативно поволно. Како пливач не сакам да пливам напред и да ги повлекувам другите, најдобро се снаоѓам кога сум со останатите во група, а пред целта го засилувам темпото. Така беше и овојпат, водев битка со останатите пред самата цел и среќен сум што повторно прв пристигнав на целта, изјави Аксел за МИА.

Нашиот маратонец Евгениј Поп Ацев задоволен од трката и од постигнатиот резултат, трето место во силна конкуренција.

– Задоволен сум од постигнатото, блиску бев до победникот и до второто место. Можев и да бидам прв, но исто така можев и да бидам и послабо пласиран. Трката беше добра, за среќа немаше невреме иако такви беа прогнозите. Наместа имаше мал бран, но условите се исти за сите. Ова е прва трка, ќе ги пливам и останатите маратони така што разликата во бодови не е голема, рече Поп Ацев.

Наградниот фонд на пливачкиот маратон изнесува десет илјади долари, рамномерно распореден во двете категории.

Првиот Ултра маратон што требаше да се одржи во Канада е откажан, додека после охридскиот на распоредот се уште две трки – на патеката Капри во Италија и Росарио во Аргентина.

Инаку, ова е 50-ти пат светската пливачка елита да се собере на Охридското Езеро, а 35-та трка од возобновувањето на Охридскиот пливачки маратон.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Претседателот Пендаровски ги пречека учесниците на 36. Охридски пливачки маратон

Италијанецот Алесио Окипинти победник на Охридскиот пливачки маратон, французинката Каролин Жуис најдобра кај жените

Означен стартот на 36-тиот Охридски пливачки маратон

Горан Наумовски

Аргентинецот Матијас Хернандес победи на 35. Охридски пливачки маратон

И покрај хаосот со организацијата, пливачи прифаќаат учество на маратонот во Охрид

Кристијан Ландов

Пливачи со години не добивале награди од охридскиот маратон, Пецаков им пратил покани и чека одговори

Кристијан Ландов