Најновите податоци за продажбата на новите автомобили на европскиот пазар покажуваат дека купувачите во Европа денес се помалку заинтересирани за возила со дизел мотори од минатите години, пишува Б92.
Иако Европа и понатаму е најголемо упориште на автомобили со дизел мотори, резултатите од продажбата во април 2017 година откриваат дека дошло до пад на продажбата на дизелашите за 15 отсто во однос на истиот месец во 2016 година, додека истовремено автомобилскиот пазар на овој континент претрпе пад од само 7,1 отсто, покажуваат податоците кои ги објави JATO Dynamics.
Така во април 2016 година секој втор нов регистриран автомобил имал дизел мотор (50 отсто), додека по една година процентот на дизелашите на пазарот на нови патнички возила падна на 46 отсто.
Како една од причините кои доведоа до пад на популарноста на автомобилите со дизел мотори се наведуваат најавите на некои влади на европските држави и локалната власт на големите градови дека ќе воведат ограничување на движењето за дизелашите во некои европски метрополи.
Покрај тоа, експертите за автомобилската индустрија забележуваат дека и европските медиуми влијаат на креирањето на мислењето на потенцијалните купци така што ги советуваат ако е можно при купување на ново возило да ги избегнуваат дизелашите.
Од друга страна, во медиумите се повеќе простор добиваат автомобили со хибридно/електричен погон кој се наметнуваат како сериозна алтернатива на дизелашите кога станува збор за трошоците при експлоатација, пред се за потрошувачката на горивото.
Покрај падот на продажбата на автомобилите со дизел мотори на годишно ниво, април донесе и некои загрижувачки резултати за најголемиот европски производител Фолксваген, чиј најпродаван модел Голф доживеа пад на продажбата во изминатиот месец од 28,1 отсто во однос на април 2016 година.
Истовремено, продажбата на вториот голем модел Поло на Фолксваген, исто така е намалена во истиот период и тоа за 11,4 отсто.
Од друга страна, Ситроен со новиот модел C3 забележа раст од 48,1 отсто во споредба со април 2016 година и се проби меѓу топ 10 најбарани автомобили во Европа.