Доведено во прашање одржувањето на Суперкупот на УЕФА во Скопје

Од:

За еден месец е предвидено да започне продажбата на влезниците за европскиот Суперкуп во фудбал кој е предвидено на осми август да се одржи на Градскиот стадион во Скопје.

Фановите на фудбалот ќе мора да издвојат од 15 до 40 евра ако сакаат во живо да го следат спектаклот кој во Скопје треба да ги донесе победниците од Лига на шампионите и од Лига на Европа, двете најзначајни клупски натпреварувања на стариот континент. Па така се вртат имињата на Манчестер Јунајтед, Реал Мадрид и други големи ѕверки, објави Макфакс.

За да може Македонија да го овозможи овој голем натпревар таа мора да ги исполни критериумите поставени од УЕФА, со цел да се овозможи непречен и безбеден натпревар затоа што овој вид натпреварување УЕФА го сместила во прва категорија. Но, дали властите ќе успеат да стигнат да ги исполнат сите обврски? На само три месеци од закажаниот термин за Суперкупот колку и да се исполнуваат условите сепак една парцела покрај стадионот задава главоболки кај сите инволвирани во организацијата и логистиката на натпреварот.

Таа парцела, од фотографијата, со големина од околу три илјади квадрати, лоцирана северо-источно од стадионот, УЕФА ја има замислено како место на кое ќе се постават репортажните возила за пренос на натпреварот.

Локацијата е во продолжение на познатиот блок Кинески ѕид, но со оглед дека од сите други страни е отворена и нема згради проценето е дека од таму сигналот до сателитите за пренос на натпреварот би бил најдобар. Таа парцела практично беше паркинг простор, а деновиве е оградена и внатре се презеле некакви градежни активности. Но зошто ова парче земја покрај стадионот го става под ризик одржувањето на европскиот Суперкуп?

Владата, со цел да ги исполни критериумите на УЕФА, на 26 јули донела одлука со која земјиштето го предава на трајно користење на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП). Во одлуката е наведено дека таквиот трансфер се прави врз основа на член 42, став 3, од Законот за градежно земјиште, иако такво нешто во законот не постои. Односно нема став 3 во членот 42. Сепак, свесни дека погрешно го применуваат материјалното право, сепак таквата одлука се објавува во Службен весник. Со тоа практично АДСДП го презема владеењето врз имотот и во декември поднесува барање во општина Центар за изградба на тениски игралишта и потпрен ѕид. Така ова претпријатие сака да ги исполни критериумите на УЕФА- да изгради тениски терени, кои дента на натпреварот ќе послужат за телевизиските екипи.

Освен што Владата ја промашила законската одредба, таа не испочитувала друг член на истиот закон, оној кој предвидува дека – Градежното земјиште сопственост на Република Македонија наменето за изградба на инфраструктурни градби утврдени со Законот за градење се дава под долготраен закуп, се заснова право на службеност или се дава право на трајно користење на истото, врз основа на проект за инфраструктура. Владата го доделила земјиштето на трајно користење без да бидат исполнети законските услови-постоење на проект за инфраструктура.

На 31 декември градоначалникот Андреј Жерновски потпишал одобрение за да почнат градежните работи. Одобрението се однесува на игралиште и на потпорен ѕид. Зошто е решено да се градат тениски игралишта кога се исполнуваат услови на УЕФА за фудбал е друго прашање. Но, само два месеца потоа, во февруари, градоначалникот Жерновски проценил дека практично тој не е надлежен за издавање на одобрението за градба, односно дека АДСДП е државен орган и дека надлежноста е во Министерството за транспорт и врски. Соочен со фактот дека погрешиле, во општина Центар носат ново решение со кое претходното со одобрението за градба го прогласуваат за ништовно.

Но, Жерновски не само што го поништил одобрението за градба, туку соочен со фактот дека Владата постапила незаконски кога имотот го давала на АДСДП покренал тужба против одлуката со која земјиштето се дава на трајно користење на претпријатието за станбен и деловен простор. Управниот суд, верувале или не, носи пресуда во која наведува дека не станува збор за управна работа без разлика што одлуката е акт на влада.

Сега предметот е во Вишиот управен суд и се чека пресуда. Со оглед дека фудбалскиот натпревар е за три месеци, ќе мора експресно и таму да се одлучи. И сега, кога не постои никакво решение, кога ниту една институција не издала документ за изведување градежни работи, на терен се преземаат повремени активности.

Дополнително, општинскиот градежен инспкеторат излегува на терен и констатира дека без никаква дозвола се преземени активности за што го известува државниот градежен инспекторат кој се уште анализира и не постапува.

Целата оваа заврзлама го става во ризик одржувањето на европскиот Суперкуп. Свесен дека натпреварот е во опасност е и Зоран Мисовски, официјалниот преставник за суперкупот. Во изјава за Макфакс потврди дека ситуацијата е комплицирана, но не го напушта оптимизмот дека сето ова ќе биде надминато. –Ако не ги направиме тие тениски игралишта кои ќе послужат како ТВ платформа го ризикуваме натпреварот. Ние имавме одобрение за градба од општина Центар, која потоа самата го поништи и не препрати кај друг орган. Сега ние сме во комуникација со Министерството за транспорт и врски за да можеме да ги завршиме активностите на терен. Таа парцела ги исполнува условите на УЕФА за поставување на ТВ платформата од каде ќе се врши преносот на мечот и јас сега можам само да изразам надеж дека ќе го завршиме ова во брзо време,- изјави Мисовски.

Сепак, оптимизмот на организатпорите е едно, а фактичката ситуација е друго. Секако дека во интерес на значењето на фудбалскиот натпревар, но и за да не се избрукаме пред УЕФА, важно е да се надмине ситуацијата и Скопје да ги угости спортските великани. Но на тоа, Владата на ВМРО ДПМНЕ морала претходно да размислува.

Би можело да ве интересира

Недановски: Вардар е подготвен за Суперкупот

Ливерпул го освои Суперкупот на Европа по голема драма и пенали

Четири екипи ќе играат во шпанскиот Суперкуп 2020

Јавното обвинителство се спогодило со петте приведени лица за препродавање билети за Суперкупот

Наум Локоски

Ѓорѓиоски: Скопје и Македонија неколку дена беа центар на светската спортска јавност

Наум Локоски

Реал Мадрид ја одбрани титулата во Суперкупот на УЕФА

Наум Локоски