Женскиот ката тим на Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола во чиј состав настапија Пуликсенија Јованоска, Марија Матракоска и Зорица Спиркоска освоија сребрен медал на Светското Универзитетско првенство во карате што се одржа во Бар, Црна Гора. Тие по враќањето во Македонија искажаа задоволство од постигнатиот резултат.
– Достојно ја претставивме Македонија на ова натпреварување. Задоволни сме од постигнатото. Продолжуваме да работиме напорно и подготвени да ги дочекаме следните предизвици, изјави Јовановска.
Собирот на најдобрите студентки и студенти – каратисти од универзитетите во светот се одржа во Бар од 16 до 22 јуни 2014 година, а студентките од битолскиот универзитет, во екипна конкуренција го освоија сребреното одличје.
По сребрениот медал на Европското Универзитетско првенство во Сараево во 2011 година и златниот медал на минатогодишното Европско Универзитетско првенство во Будимпешта, ова е уште еден значаен успех за карате екипата на Универзитетот „Св.Климент Охридски“, остварен на натпреварување во светски рамки.