Абрамович го смени тренерот на Челзи, Роберто ди Матео

Од:

Сопственикот на „Челзи“, рускиот тајкун Роман Абрамович го смени досегашниот тренер на клубот Роберто ди Матео, само шест месеци по освојувањето на Лигата на шампионите. Сменувањето на Ди Матео кој во јуни годинава потпиша двегодишен договор со „Челзи“, дојде 12 часови по поразот на клубот од 3:0, во мечот со „Јувентус“, во рамките на годинешнава Лига на шампионите.

По овој пораз „Челзи“ има само теоретски шанси да се квалификува за втората фаза на Лигата на шампионите, што е големо понижување за актуелниот европски шампион кој доколку тоа се случи, не ќе може да ја брани титулата. Позицијата на Ди Матео беше сериозно разнишана по последниот пораз на „Челзи“ во англиската премиер лига, од „Вест Бромвич Албион“, по што овој лондонски клуб заостанува четири бодови, иако до пред три недели беше на чело на табелата. Во последните осум мечеви „Челзи“ забележа само две победи.

Роберто ди Матео во март годинава го наследи на тренерската функција португалецот Андре Вила Боаш, по серијата неуспеси на клубот во домашното првенство, но веднаш по преземањето на должноста, тој успеа да го стабилизира „Челзи“ и едноподруго да го освои ФА купот во Англија и да стане првак на Европа.

Претставник на клубот изјави денеска дека засега не се знае кој ќе го наследи Ди Матео, но во англиската фудбалска јавност се тврди дека како најсилни кандидати за функцијата прв тренер на „Челзи“ се споменуваат поранешниот тренер на „Барселона“ Пеп Гвардиола и некогашниот тренер на „Ливерпул“ Рафаел Бенитез.

Абрамович се обидуваше уште во текот на летото да го доведе Гвардиола во клубот, нудејќи му плата, толку колку што тој ќе побара, но шпанскиот тренер изјави дека би сакал една година да се одмори од работата. Лондонските аналитичари предупредуваат дека по серијата смени на кормилото на клубот, се помалку врвни тренерски имиња би сакале да ја преземат функцијата, очекувајќи дека по првите неуспеси би можеле да бидат сменети.

Би можело да ве интересира

Саутгејт останува англиски селектор

Ана Ололовска

Саутгејт сака да остане селектор на Англија

Ана Ололовска

ВИДЕО: Англија лесно го мина Сенегал и закажа четвртфинале против Франција

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Нотингем го исфрли носителот на титулата Лестер од ФА купот, навивачите сакаа да ги тепаат

Ана Ололовска

Дијаз дебитираше со асистенција, Ливерпул во второто полувреме ги „скрши“ Кардиф

Ана Ололовска

Лампард дебитираше со победа, Манчестер сити убедливи против Фулам

Ана Ололовска