Сите земји од Западен Балкан оптимистички чекорат и ги исполнуваат условите што се поставени пред нив на патот кон европската интеграција, изјави денеска претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ на почетокот на состанокот на премиерите на земјите од регионот, што се одржува во Сараево.
Звиздиќ нагласи дека од исклучителна важност е Берлинскиот процес, бидејќи тоа придонесува за забрзување на патот кон Европската унија, потсетувајќи дека приближувањети на земјите од Балканот кон Унијата не значи само преземање на правната регулатива, пристап до фондовите и подобрување на економската состојба, туку и стабилност, мир и безбедност.
Тој истакна дека Босна и Херцеговина ќе продолжи да води конструктивна регионална политика со цел да се работи на проекти што се значајни за земјите од Западен Балкан, што се потврдува и со денешниот состанок, односно се потврдува заедничката посветеност да се работи на регионалната соработка.
Звиздиќ оцени дека сите земји имаат слични проблеми како невработеност, особено на младите лица, екстремизмот и корупцијата.
Целта на состанокот на премиерите на државите од Западен Балкан е приближување на регионот до ЕУ и разговори за проекти од транспортната и енергетската инфраструктура, како и за соработка во областа на младите и образованието.
На состанокот учествуваат премиерите на Македонија, Емил Димитриев, на Србија, Александар Вучиќ, на Црна Гора, Душко Марковиќ, на Косово, Иса Мустафа и на Албанија, Еди Рама.
На состанокот учествуваат и европскиот комесар Јоханес Хан и министерот за надворешни работи на Италија, Анџелино Алифано, како домаќин на наредниот Самит на највисоките претставници на земјите од Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, што е планиран за во јули во Трст.
Денешниот состанок треба да биде завршен со заедничка усогласена изјава во која ќе биде дефинирана определеноста за работата на заеднички проекти.