За 5,3 отсто намален бројот на бегалци и мигранти на грчките острови во првото тримесечје од 2020 година

Од:

Бројот на бегалци и мигранти кои престојуваат во центрите за прием и регистрација на пет грчки острови во првото тримесечје од годинава се намалил за 5,3 отсто и покрај зголемениот број пристигнувања од Турција, согласно податоците од Министерството за миграција и азил на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

На 31 декември 2019 година на Лезбос, Хиос, Самос, Кос и Лерос престојувале 38.423 лица, додека пак три месеци подоцна, на 31 март 2020, бројот на бегалци и мигранти се намалил на 36.387.

Најголемо намалување е регистрирано на островот Кос, додека пак за разлика од останатите четири острови, на Лезбос, во прифатниот центар Мориа, има зголемување за 1,9 отсто на бројот на бегалци и мигранти.

Во однос на вкупниот број на лица сместени на островите, односно и во центрите за прием и регистрација и во хотелите и становите, намалувањето е за 4,2 отсто и од 41.899 бегалци и мигранти на крајот на минатата година, сега изнесува 40.139.

Министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис, вели дека уште од прв момент ја истакнал потребата да се намали бројот на островите и додава дека со зголемен ритам, владата ќе продолжи со истата политика.

-Со комбинацијата од силна гранична стража и забрзување на процесот за азил и враќања, го променивме трендот на преоптовареност на островите од 2019 година. 2020 година почна со намалување за 5,3 отсто на сместените во центрите за регистрација. Со зголемен ритам ќе продолжиме да го намалуваме бројот, паралелно со политиките за значително намалување на брановите, вели Митаракис.

Би можело да ве интересира

Земјотрес го погоди денеска грчкиот остров Самос

Орбан: Закован е уште еден клинец во ковчегот на Европската унија

Преспанскиот договор оспорен во предизборието, анализира грчки Катимерини

Александар Тодески

Група од 29 мигранти се спасени од брод во близина на брегот на Крит во Средоземното Море

Дводневен штрајк на царинските служби во Грција

Орце Костов

По силниот земјотрес во Грција, тлото продолжува да се тресе