Вучиќ во ОН: Која е разликата меѓу Украина и Србија?

Од:

Српскиот претседател Александар Вучиќ на Генералното собрание на ОН истакна дека „против Србија во делот на меѓународната јавност се води хибридна војна и валкана кампања“, илустрирајќи го тоа со оценките дека Србија е закана за регионалната стабилност и дека наводно ќе ги нападне своите соседи.

„Србија беше и ќе биде фактор на стабилност во целиот регион“, рече Вучиќ во своето обраќање пред собранието, додавајќи дека Србија го поддржува Дејтонскиот мировен договор за Босна и Херцеговина и покрај невистините што може да се слушнат.

Србија е окарактеризирана како потенцијален фактор за дестабилизација во регионот само за да не ја говори вистината – дека принципот на неповредливост на границите мора да важи подеднакво за сите, рече српскиот претседател.

„Неправдата направена каде било е закана за правдата и предупредување за сите“, рече Вучиќ и нагласи дека Белград не се откажува од принципот на неповредливост на границите.

Тој оцени и дека овогодинешната дебата во Њујорк се одвива „во услови на нарушен светски мир од размери што не се видени од Втората светска војна и од основањето на Обединетите нации“.

Србија, посочи тој, го почитува интегритетот на Украина, но политиката на санкции наметнати на Руската Федерација, според него, „не може никому да донесе добри резултати“.

Тој, исто така, тврди дека не слушнал нити од еден соговорник „рационален одговор на прашањето која е разликата помеѓу суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија, што беше „грубо нарушен“ во случајот со Косово“.

Фактот што беше потпишан договор со НАТО по завршувањето на вооружениот конфликт, чии одредби предвидуваа усвојување на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, не спречи многу западни земји уште еднаш да го погазат територијалниот интегритет на Србија со признавање на еднострано прогласената независност на Косово, рече Вучиќ.

Тој рече и дека Белград ќе ги продолжи разговорите со Приштина под покровителство на Европската унија „бидејќи подобро е да се преговара сто години отколку да се војува еден ден“.

Би можело да ве интересира

Пукање во Белград, повреденото момче не и кажува на полицијата кој го нападнал

Вработена во српското МВР издавала фалсификувани пасоши

Земјотрес во Крагуевац: „Добро се стресе“

ВИДЕО: 25 години од НАТО нападот на Србија

Катерина Ѓуровски

На млад фудбалер му била одземена платата бидејќи ставил „лајк“ на дуелот меѓу Русија и Србија во Москва

ВИДЕО: Зад прекинот на дуелот меѓу Србија и Русија стои човек кој мислеше дека ќе се збогати