Вучиќ: На дециден и остар начин Шолц побара Србија да се приклучи кон санкциите против Русија

Од:

Разговори за економијата, евроинтеграциите на Западан Балкан и Србија, дијалогот за Косово и барањето Србија да се приклучи на санкциите на ЕУ кон Русија во фокусот на разговорите во Белград на претседателот Александар Вучиќ и германскиот канцелар Олаф Шолц, јави дописникот на МИА од Белград.

-Канцеларот на дециден и остар начин побара од Србија да се приклучи на санкциите кон Руската Федерација, односно да ги поддржи рестриктивните мерки кои ЕУ веќе ги усвои против нив, јас зборував за нашиот став и за спецификите на ситуацијата околу Косово и Метохија, енергетиката и традиционалниот однос со Руската Федерација, разговаравме и за претстојната зима, рече Вучиќ на прес-конференција.

Вучиќ кажа дека го информирал Шолц за сите неисполнети обврски на Приштина од Бриселскиот договор.

-Разговаравме и за европската интеграција на Србија, канцеларот Шолц донесе нова енергија и нова надеж за сите во Западен Балкан, тој сака да ги слушне и слуша сите од Западен Балкан и сака да има вистинска перспектива за проширување на ЕУ, кажа Вучиќ. Во врска со диверзификација на енергетиката Вучиќ потсети дека се „гради гасниот интерконектор кон Бугарија, дека се очекува бугарската страна да почне да гради, како и дека се планира изградба на интерконектор кон Северна Македонија“.

На заедничката прес-конференција, Шолц рече дека Европа е преокупирана со страшната војна што Русија ја започна против Украина.

-Тоа е страшна бесмислена војна поради империјалистичката визија на Русија. Важно е ЕУ и сите ние заедно да покажеме солидарност со Украина, да и помогнеме да го одбрани територјниот интегритет од агресија. Воведовме санкции и важно е да се приклучат што повеќе земји и очекуваме да се приклучат сите земји кандидати на ЕУ, подвлече тој.

Шолц нагласи дека санкциите се инструмент, покрај испораката на оружје, кој и помага на Украина да може да ја одреди сопствената иднина и да го брани својот суверенитет, територијален интегритет и на крајот да има способна армија.

-Тоа е нешто што е целта на санкциите. Санкциите се ефикасни, многу поефикасни од санкциите по анексијата на Крим. Сите мора да знаат дека санкциите што ги воведовме сега, шестиот пакет, се нешто што нема да исчезне штом ќе заврши војната. Условот за нивно укинување е Русија да мора да прифати дека не може да диктира мир со Украина, но дека мора да преговара и да договори договор што ќе го врати територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, објасни тој.

Тој охрабри да се дојде до напредок на дијалогот за нормализација на односите со Косово, „преку мали чекори двете страни мораат да придонесат да се дојде до заедничка цел“, порача Шолц.

Во врска со евроинтеграциите, Шолц кажа дека Германија сака да ја поттурне европската перспектива на Западен Балкан ветена пред две децении во Солун, а во исто време очекува од кандидатите да се приклучат на санкциите против Русија.

-Кога станува збор за евроинтеграциите, ние ги поддржуваме сите аспирации на Западен Балкан и на тој пат потребни се реформи во владеењето на правото, слободата на медиумите и борбата против корупцијата.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Вучиќ: „Се поблиску сме до голем светски конфликт“

Шолц: Русија не е толку силна како што мислат луѓето сега

Шолц: Израелскиот напад врз Рафах ќе го отежне воспоставувањето регионален мир

(ВИДЕО) Вучиќ и Орбан одговараа на ТикТок: Ќебапи или гулаш

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Вучиќ: Од нас се бара признавање на Косово, санкции за Русија, Западот сака марионетски режим во Србија

Еурактив: Шолц ја спречи Урсула фон дер Лајен да се кандидира за шеф на НАТО