Вучиќ: Ќе ме прогласат за диктатор и ќе започнат акции против мене, ако не сум послушен

Од:

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ во обраќањето до јавноста по седницата на Советот за национална безбедност рече дека утрово ги слушал барањата на претставниците на Србите од Косово и сето она со кое се соочуваат, „особено во пресрет пред истекот на ултиматумот кој им е даден на Србите од режимот во Приштина“, кога станува збор за пререгистрација на возилата, јави дописникот на МИА од Белград.

– Пред неколку дена добивме демарш, акт каде што ги примивме усогласените ставови на земјите од Квинта и ЕУ. Во тој акт, точка два од првиот дел, која се однесува на регистарските таблички, се вели дека треба да разбереме дека акцијата на Косово е легитимна и во согласност со договорот, дека е потребно Србите да имаат регистарски таблички РКС (Република Косово), бидејќи ние (Квинта и ЕУ) го поддржуваме независно Косово, но проблемот е во времето и методите, а тоа предизвикува нивна загриженост, рече Вучиќ.

„И денеска и тој ден им кажав на претставниците на Квинта и на ЕУ дека тоа не е вистина и дека ја залажуваат јавноста, дека се работи за ноторни лаги. Тие немаат право на тоа според ниту еден договор“, истакна Вучиќ.

Според него, Приштина планира да ги пушти лицата со КМ таблички да излезат од територијата на Косово  во Централна Србија, па да не им дозволи да се вратат, бидејќи немаат РКС таблички.

– Да не им се дозволи повторно да влезат со тие таблички, тие едноставно не разбираат што произведуваат тогаш, затоа што мислат дека на територијата на Косово нема проблеми и дека тоа ќе биде лесна одлука и дека светот нема особено да им замери, рече Вучиќ.

Тој додаде дека акциите на Приштина ќе наидат на демократски отпор од српското население и дека Србија нема да дозволи прогон на српскиот народ.

Српскиот претседател зборуваше и за француско-германскиот предлог за Косово што и е понуден на Србија, осврнувајќи се на одредени негови точки. Во него, како што рече, се наведува дека страните се свесни дека неповредливоста на границите и почитувањето на територијалниот интегритет се основни услови за мир и дека двете страни ќе се водат од целите и принципите на Повелбата на ОН.

– И се прашувате, дали некој се шегува или што? Бараат од нас да ги погазиме ОН и повелбата и принципите и резолуцијата 1244, за во иднина да го почитуваме она што тие не го направија во нашиот случај. Ако не, тогаш ќе ни следи тешко тепање, рече Вучиќ.

Зборувајќи за заклучоците на Советот за национална безбедност, Вучиќ рече дека е подготвен одговорот на француско-германскиот предлог. Тој истакна и дека Белград е подготвен да разговара за се.

Претседателот на Србија најави дека следната недела ќе започне процедурата за прием на Косово во Советот на Европа. Тој рече дека претставниците на меѓународната заедница, пред се Квинта и ЕУ, очекуваат тој да биде послушен и дека во спротивно ќе преземат дејствија против него и ќе го прогласат за диктатор.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Вучиќ: Недозволиво, ќе го гониме напаѓачите на хрватските новинари

(ВИДЕО) Вучиќ: Вчера над Ваљево леташе балон или шпионски дрон, следниот пат ќе го собориме

Вучиќ: „Се поблиску сме до голем светски конфликт“

(ВИДЕО) Вучиќ и Орбан одговараа на ТикТок: Ќебапи или гулаш

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Вучиќ: Од нас се бара признавање на Косово, санкции за Русија, Западот сака марионетски режим во Србија

Ковачевски: Одбележувањето на Свети Сава за нас и за нашата држава е порака за заедништво, почит и меѓусебна соработка