Формирањето на новата 43. влада на Црна Гора, влегува во завршна фаза, соопшти извршниот директор на граѓанското движење „УРА“, Зоран Микиќ. Тој додаде дека главна цел на движењето „УРА“, е, Владата да биде инклузивна и реформска, јави РТЦГ.
– Деблокирање на процесот на европска интеграција, спроведување реформи од ЕУ агендата, решавање на наталожените проблеми во судството, продолжување на борбата против корупција и организиран криминал, спроведување и унапредување на започнатите економски реформи и реформа на изборното законодавство согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР се врвни приоритети на новата Влада. Се разбира, таа ќе се занимава и со други активности за да се стават на дневен ред отворени прашања што ја оптеретуваат црногорската јавност, како што се прашањата за односите со верските заедници, нагласи Микиќ.
Црна Гора не може да ги надмине поделбите, доколку вечно е заробена во референдумските поделби 55-45, смета Микиќ.
– Поради тоа, неопходни ни се нови чекори и нови модели, што суштински ќе допринесат до намалување на поделбите, а Црна Гора силно ќе ја водат кон европска иднина и општество на развиените европски земји, појасни Микиќ.
Извор: МИА