Во Србија расте бројот на ковид пациентите во болниците

Од:

Директорката на главната Ковид болница во Србија, Батајница, д-р Татјана Аџиќ Вукиќевиќ, предупреди дека реалниот број на заболени е околу 4.000 лица дневно, како и дека се зголемува бројот на пациенти во болниците, јави дописникот на МИА од Белград.

– Во изминатите десет дена двојно е зголемен бројот на заболени од корона вирусот во болницата во Батајница и очекувам дополнително зголемување на бројот на примени, со оглед на зголемувањето на бројот на заразени, но сега клиничката слика на Ковид-19 е многу поблага, потребата од кислород е значително пониска, хоспитализацијата трае помалку, и има помалку смртни случаи, изјави Аџиќ Вукиќевиќ за Новости.

Таа наведе дека во болницата сега има 60 пациенти со средно тешка клиничка слика, што е речиси половина од вкупно околу 140 хоспитализирани во цела Србија.

– Забележано е, пак, дека во последните денови се зголемува бројот на пациенти на респиратори, па сега ги има 15, што е двојно повеќе од почетокот на неделава, кажаа таа и додаде дека благодарение на одличните антивирусни лекови, кои доколку се даваат на пациентите во првите денови од почетокот на симптомите, значително се намалува бројот на хоспитализирани.

Д-р Аџиќ Вукиќевиќ изјави дека во моментов се актуелни новите подтипови на омикрон- BA.4 и BA.5 и дека според некои истражувања во светот тие ги зафаќаат и долните дишни органи, за разлика од „обичниот“ омикрон.

– Новите соеви многу поретко го напаѓаат долниот респираторен тракт во споредба со делта сојот и сите други. Најчесто предизвикуваат воспаление на синусите и ждрелото, а многу помалку пневмонија, изјави директорката на Ковид болницата Батајница и додаде дека ниту еден вид или подтип на вирусот нема да предизвика толку тешка клиничка слика како делта сојот.

Аџиќ Вукичевиќ истакна дека во болниците во моментов има еднаков број невакцинирани и вакцинирани, бидејќи сегашните соеви го заобиколуваат имунитетот стекнат со вакцинација или по период на прележување на короната и додаде дека карактеристиката на новите подтипови на омикрон се шират брзо, дури и неколку десетици пати побрзо од другите соеви на коронавирусот.

Во Србија вчера се регистрирани 1.599 нови случаи на коронавирус од 8.206 тестирани примероци, а пет лица починале.

На болничко лекување има 151 пациент, од кои 15 се на респиратори.

Од почетокот на пандемијата, во Србија се регистрирани 2.038.946 случаи на коронавирус, а починале 16.146 лица.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

„Кракен“ откриен и во Србија

Во Србија од денеска забранети посетите на здравствените установи

Србија ги укина сите рестриктивни мерки, нема веќе ограничувања за влез во Хрватска

Катерина Ѓуровски

Патријархот на СПЦ позтивен на ковид

Раст на бројот на починати од Ковид-19 во Србија, можни нови мерки

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Белграѓани на улица, протест против ковид пропусниците