Неколку десетици Руси кои живеат во Бугарија излегоа на протест во Софија за да го изразат своето несогласување со војната на Кремљ и рускиот претседател Владимир Путин против Украина.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, повеќето од учесниците носеа рачно изработени плакати украсени со боите на украинското знаме – сина и жолта. На нив пишуваше: „Јас сум Русин и сум против Путин. Не биди рамнодушен!“; „Јас сум од Русија. Јас сум против Путин. Јас сум против војната. Ја сакам Украина“; „Не на војната“ и друго.
Александар Стоцки, кој е државјанин на Русија, остро го критикуваше задушувањето на мирните протести против војната во Москва и другите руски градови, каде што се уапсени илјадници негови сонародници.
Протестот беше организиран од движењето „За слободна Русија“, во кое членуваат и руски опозиционери. Тоа беше формирано во февруари од Руси кои живеат во Бугарија кои се против политиката на Кремљ.
Извор: МИА