По предлог на Кризниот штаб, Владата на Србија ја укина вонредната состојба на територијата на државата. Премиерот Александар Вучиќ им се заблагодари на сите министри за ангажманот во текот на изминатите денови.
Членовите на Владата едногласно се изјаснија за прекинување на вонредната состојба, а премиерот предложи на денешната седница да се подготви посебен извештај за Собранието и граѓаните за мерките кои се преземени за време на поплавите.
Како што вели Вучиќ, состојбата предизвикана од поплавите не смее да биде алиби за одложување на какви било преземени обврски и порача што побрзо да се подготват сите приоритетни закони.
– Борбата продолжува. Не може времето да застане, туку мораме да покажеме поголема посветеност отколку претходно – изјави Вучиќ.
На поплавените подрачја се пронајдени 33 мртви тела, од кои 13 починале како последица на давење, изјави министерот на полицијата Небојша Стевановиќ. Според него, постојат услови вонредната состојба да се укине, но таа ќе остане на сила во 2 града и 17 општини, бидејќи самата состојба налага да не може потполно да се укине.
Вонредната состојба останува во Шабац и Сремска Митровица, како и во неколку општини.