Вигенин: Последните реакции на Софија кон Македонија и носат негативен имиџ на Бугарија

Од:

Реакциите на официјална Софија во однос на Македонија демонстрирани во последните недели се задоцнети и ја претставуваат Бугарија во негативна светлина не само кај нашиот западен сосед, туку и во очите на европските партнери.

Ова, како што пренесува агенцијата БТА го изјави бугарскиот европратеник и меѓународен секретар на Бугарската социјалистичка партија Кристијан Вигенин по посетата на Македонија.

– Перспективата Грција да дозволи да почне преговарачкиот процес за членство на Македонија во ЕУ, а Бугарија да го блокира, е најнегативното можно сценарио кое би имало тешки последици врз имиџот на бугарската држава, вели Вигенин.

Според него, бугарската влада во пракса бега од прокламираната цел за активна политика во регионот на Западен Балкан и повеќе од три години не презема никакви суштествени чекори во врска со проблематичните прашања во односите со Македонија.  Вигенин укажува и дека четири години подоцна во услови на дефицит на време и доверба министерот за надворешни работи Николај Младенов бара да се почитуваат ангажманите договорени со Декларацијата на премиерите на двете земји од 1999 година.

Изјавите на претседателот Плевнелиев, Вигенин ги оценува повеќе како предизборна реторика чија цел е да го привлече националистичкиот дел од електоратот, а не како позиција на државник загрижен за трајно подобрување на односите меѓу Бугарија и Македонија.

Пред декемврискиот Самит на Европскиот совет на кој треба да биде донесена евентуална одлука за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, Бугарската социјалистичка партија, како што посочи нејзиниот меѓународен секретар, предлага итно да биде интензивиран политичкиот дијалог меѓу Софија и Скопје.

– Размената на отворени писма не е конструктивно однесување, туку шоу за публиката, смета Кристијан Вигенин. Предлага да биде формирана бугарско-македонско политичко-експертска група која ќе ги лоцира проблематичните прашања и чекорите за нивно надминување.

Односот на Бугарија кон почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, според него, треба да биде тема на широка јавна дебата во Бугарија.

Почетокот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, пак, како што истакнува Вигенин, ќе и даде можност на Бугарија да ги постави проблематичните прашања како што се правата на македонските граѓани кои што се изјаснуваат за Бугари, содржината во македонските учебници и за културно-историското наследство.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Бугарија повторно има преодна влада, на избори оди на 9 јуни

Романија и Бугарија делумно влегоа во Шенген зоната

Нов земјотрес ја стресе Бугарија

Бугарија оди на нови избори

Во Бугарија не е постигнат договор за нова влада

Почина бугарскиот патријарх Неофит