(ВИДЕО) Српски виролог: Очекувам бустер дозата на Синофарм да даде огромно количество антитела и да штити од омикрон

Од:

Професорката на Медицинскиот факултет во Белград, Тања Јовановиќ за РТС изјави дека, според податоците од истражувањето на вакцината „Синофарм“ во кое се опфатени околу 10.000 испитаници, по бустер дозата има значително зголемување на количеството на антитела.

Таа рече дека очекува оние кои ја примиле вакцината „Синофарм“ да бидат заштитени со огромна количина антитела од новиот вид Омикрон.

Професорката Јовановиќ, вирусолог од Медицинскиот факултет во Белград, рече дека во Србија не е потврден сојот омикрон, како и дека се уште не е регистрирано присуство на делта плус варијантата на коронавирусот.

– Но, како што знаеме, вирусите не познаваат граници, затоа очекуваме и извесно е дека ако вирусот брзо се прошири и стигне во околните земји, ќе дојде и кај нас – рече професорката Јовановиќ.

Таа додаде дека не е сигурна дека вирусот циркулира и дека станува збор за втора заканувачка варијанта на вирусот што пристигнува од Јужна Африка.

– Првата беше на крајот на декември и почетокот на јануари, таканаречената бета варијанта на вирусот, која исплаши голем број научници и истражувачи токму поради тоа што имаше мутација која го избегнува имунолошкиот одговор. Бета варијантата на вирусот се прошири во 20-тина земји низ светот, но не стана доминантна варијанта во ниту една земја. Да се ​​надеваме дека така ќе биде и со оваа нова варијанта која има многу поголем број на мутации – изјави Јовановиќ.

Таа додаде дека во врска со новата варијанта загрижуваат последиците од мутациите, како и дали новата варијанта на вирусот ќе се шири побрзо и дали ќе предизвика потешка или поблага клиничка слика.

– Она што е особено важно се однесува на тоа дали дијагностичките тестови се доволно сигурни, дали треба да ги менуваме терапевтските протоколи и дали новата варијанта на вирусот ќе го избегне имунолошкиот одговор добиен или со природна инфекција или со вакцинација, изјави Тања Јовановиќ.

„Вирусот прави мутации со цел поефикасно да влезе во клетката“

Таа нагласи дека специфичност на новата варијанта е што има голем број мутации – околу 50, а најголем број од нив се во протеинот кој е одговорен за врзување на вирусот со клетката, односно за воспоставување на инфекцијата.

– Кај делта варијантата на вирусот имаше само две промени, а кај омикрон се наоѓаат десет промени на аминокиселините. Протеините се составени од аминокиселини, S-протеинот има околу 1250 аминокиселини. Дојде до промена на десет аминокиселини во оној дел што му овозможува на вирусот успешно да се врзе за клетката и успешно да влезе во клетката – изјави професорката.

Таа објасни дека вирусот прави мутации за поефикасно да влезе во клетката, за да го зголеми афинитетот кон нашите клетки, бидејќи самата желба на вирусот е да не зарази и да опстане во организмот.

– Ќе видиме дали овие мутации се доволно ефикасни и дали овој вирус ќе се шири побрзо, дали ќе има подобра кондиција, односно дали ќе има поголема стапка на репликација од оваа претходна делта варијанта на вирусот – истакна Јовановиќ.

Додаде дека треба да се биде внимателен и да се чекаат првите резултати, кои се очекува да ги потврдат и информациите на Светската здравствена организација, кои наведуваат дека нема да има проблеми со вакциналниот и природно-стекнатиот имунитет.

„Благодарение на бустер дозата, количината на антитела ќе се зголеми доволно“

Тања Јовановиќ наведе дека благодарение на бустер дозата на вакцината, количината на антитела во организмот ќе се зголеми доволно и дека без разлика на промената во самата структура на вирусот, кој се врзува за имуните клетки и антитела, очекува да бидат ефективни.

Таа посочи дека варијантата дошла од Јужна Африка, каде стапката на вакцинација е ниска – околу 20 отсто од населението, што, како што наведе, значи дека има доволно чувствителни луѓе каде што вирусот ќе продолжи успешно да се размножува и да мутира, а потсети дека научници во Јапонија утврдиле постоење на мутација која довела до неможност да се реплицира вирусот.

– Мутацијата доведе до промена на еден ензим кој е одговорен за репродукција на вирусот. Сите очекуваа дека вирусот ќе продолжи да се развива во таа насока и ќе направи некои смртоносни мутации и ќе се види крајот на пандемијата. Но, во истата недела ја добивме оваа вест за голем број мутации во новата варијанта на вирусот, затоа треба да бидеме внимателни, особено што очигледно имало голем број мутации кај имунокомпромитирани лица, рече Јовановиќ.

„По бустер доза со вакцината „Синофарм“, има значително зголемување на количината на антитела“.

Зборувајќи за вакцинацијата, професорката Тања Јовановиќ рече дека била вклучена во студија која се занимава со ефикасноста на вакцината „Синофарм“ во која биле опфатени околу 10.000 испитаници.

– Морам да кажам дека тестовите покажуваат значителна ефикасност на вакцината „Синофарм“ и кај постарите и кај младите. Она што е интересно е дека по шест месеци од целосната апликација на вакцината, има релативно мала количина на антитела присутни во крвта на имунизираните лица, меѓутоа, по бустер дозата има значително зголемување на нивото на антитела. Очекувам дека иако пристигне оваа нова варијанта на вирусот, лицата кои ја примиле бустер дозата на вакцината „Синофарм“ ќе бидат заштитени од новиот сој, нагласи професорката.

Би можело да ве интересира

Во Шведска рекордни речиси 40.000 новозаразени за еден ден

А1он

Дневно во светот три милиони новозаразени со Ковид-19

А1он

КОВАКС бара 5,2 милијарди долари за продолжување на програмата

А1он

Во Португалија заразените и оние во изолација ќе може да гласаат на изборите на 30 јануари

А1он

Актуелните мерки во Грција за угостителските објекти продолжени уште една седмица

А1он

Ѓоковиќ основал компанија која бара лек за Ковид-19

А1он